Во НОБ три балетски претстави, приказната за магичната „Оревокршачка“ има интересна историја долга д
Во НОБ три балетски претстави, приказната за магичната „Оревокршачка“ има интересна историја долга два века
Малкумина ја знаат историјата на овој планетарно популарен празничен балет. Изворната приказна „Оревокршачка и кралот на глувците“ ја измислил германскиот романтичар Ернст Теодор Амадеус Хофман и првпат ја објавил во Берлин во 1816 година. Во француски манир во 1844 ја прераскажал Александар Дима Постариот, за по 48 години рускиот композитор Петар Илич Чајковски да ја преточи во музика… Во Национална опера и балет претставата ќе се одржи на 24, 25 и 28 декември
„Оревокршачка“ еден од најпопуларните балети во светски рамки ја има таа моќ да го “маѓепса“ целото семејство за време на празничните денови, докажувајќи дека никогаш не сте премлади или престари за божиќна претстава од овој тип. Интересна е и приказната зад создавањето на овој балет, за девојчето кое наоѓа необичен подарок под елка -дрвена оревокршачка и доживува чудесни авантури во измислениот свет, а која има историја долга двесте години. Оваа претстава ја сака и македонската публика, а доказ е тоа што претставите секогаш се распродадени неколку дена однапред. И годинава, дури и во ова време на пандемија по најавени три претстави на 24, 25 и 28 декември се бара билет повеќе. „Изминативе години сме имале и четири и пет претстави во зависност од репертоарот, бидејќи е најубавата бајка за Божиќ, и во сите големи театри традиција е ‘Оревокршачка’ да се игра за време на божиќните празници. Интересот и годинава е огромен. Со оглед дека се работи за голема претстава, минатата година не ја одржавме, поради препораките и изолацијата. Годинава, претставата ќе се игра пред 50 проценти исполнетост на салата“, вели уметничкиот раководител на Македонскиот балет Олга Панго.
Инаку, малкумина ја знаат историјата на овој балет кој стана планетарно популарен. Приказната „Оревокршачка и кралот на глувците“ ја измислил германскиот романтичар Ернст Теодор Амадеус Хофман и за првпат ја објавил во Берлин во 1816. Во француски манир во 1844 ја прераскажал Александар Дима Постариот, за по 48 години рускиот композитор Петар Илич Чајковски да ја преточи во музика. Оригиналната приказна ја разјаснува позадината за тоа како принцот се претворил во Оревокршачка. На балетската сцена ја поставува легендарниот Мариус Петипа. Идејата за создавање на балетот „Оревокршачка“, пак, му паднала на ум на чиновникот на Императорските театри Иван Всеволжски кон крајот на 19 век. Оваа дрвена кукла, пак, се поврзува со германската божиќна традиција. Во германскиот фолклор постои верување дека оревокршачката го штити семејството и носи среќа во домот.
Популарноста на балетот „Оревокршачка“, освен во раскошната музика на Чајковски, секако лежи и во тоа што овој балет кај детето ја буди искрената радост, а на децата им отвора низа незаборавни искуства зачинети само со сопствената имагинација. Куклата Оревокршачка, божиќен подарок што девојчето го добива од чичко Дроселмајер, оживува во нејзиниот сон во форма на војник, води борба против глувците и нивниот крал и ја води во низа интересни авантури.
Во првиот чин, сигурно една од највпечатливите сцени е танцот на снегулките по кој Снежната кралица го носи девојчето во кралството на Шеќерната самовила. Вториот чин е богат со танци од различни земји како Шпанија, Кина, Арабија, Русија и е неисцрпен извор на инспирација за костимографите и сценографите.
Балетот бил премиерно изведен на 18 декември 1892 година во Мариинскиот театар во Санкт Петербург. На првата изведба на „Оревокршачка“ премиерно засвирела и челестата – сосема нов инструмент во тогашна Русија, кој од Париз го донел лично Чајковски. Главниот женски лик во „Оревокршачка“, хероината што го спасува принцот претворен во оревокршачка отпрвин имала име Клара според нејзиното литературно потекло од Германија. Во Русија, по Првата светска војна, го добила името Маша. По револуцијата од 1917 „Оревокршачката“ е „извезена“ од Русија. Главниот режисер на балетската трупа на Маринскиот театар Николај Сергеев кој ја напуштил земјата со себе ги однел партитурите, кои се чуваат на Харвардскиот универзитет. Оваа новогодишна сказна се прославила во странство благодарение и на руско-американскиот кореограф Џорџ Баланчино, кој во 1954 година подготвил спектакл за New York City Ballet. Во екранизацијата според неговото сценарио во 1993 принцот го игра ученикот на баланчинската балетска школа познатиот актер Меколи Калкин. По спектаклот на Баланчино оревокршачката манија го зафати сиот свет. Фантазијата на новогодишна тема се поставува на сцените на разни земји од страна на кореографи Рудолф Нуреев, Михаил Баришников, Морис Бежар, Метју Борн… Набргу по првата изведба на „Оревокршачка“, на 6 ноември 1893, Чајковски починал не ни помислувајќи какво влијание ќе има неговото дело врз публиката ширум светот.
„Оревокршачка“- 20 години на македонската балетска сцена
За првпат балетот „Оревокршачка“ бил поставен на сцената на Националната опера и балет (тогашна МНТ) на 2 декември 2001 година, а од тогаш до денес редовно се изведува за време на новогодишно-божиќните празници. Оваа година е јубилејна, 20 години од првата изведба на балетот „Оревокршачка“ пред македонската публика. „Балетот ‘Оревокршачка’ е волшебна, новогодишно-божиќна бајка, мириса на снег, карамела и на цимет. Обоен е со црвено, златно и со бело. Веројатно затоа на публиката никогаш не и е доста од ‘Оревокршачка’ пред Нова година, секоја година!“, велат од НОБ.
Величествената музика е на Чајковски, кореографија на Василиј Иванович Ваинонен од Русија, а пренесена е од: Михаил Крапивин (Русија). Сценограф е неговиот сонародник Анатолиј Нежњи, а костимограф е Љупка Ристовска.
Во главните улоги настапуваат: Мими Поп Алексова Атанасовска, Бобан Ковачевски, Ела Канер (Турција) во претставата на 24 декември. Ивана Коцевска, Балаж Лашеи (Унгарија), Ела Канер (Турција) ќе ги видиме во претставата на 25 декември, а Христина Наќевска, Балаж Лашеи (Унгарија), Ела Канер (Турција) во претставата на 28 декември. Настапуваат првенците, солистите, балетскиот ансамбл при НОБ и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“.
Comments