Во НБА се бара решение за одмор на кошаркарите
Тренерот на Голден стејт, Стив Кер, сака пократка сезона во НБА, кошаркарот Јанис Адетокунбо на Милвоки не, комесарот на НБА, Адам Силвер, не е сигурен кој е вистинскиот одговор, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Таква е загатката со тековните разговори во НБА за одморот и наоѓање начини за оптимизирање на здравјето, перформансите и достапноста на играчите. Иако постои консензус дека лигата има проблеми, не постои консензус за тоа како да се решат тие проблеми, пишува АП. АП праша 48 играчи, тренери, сопственици и директори дали НБА треба да се откаже од својот план од 82 меча и 170 дена од регуларната сезона за нешто со помалку натпревари или повеќе денови во сезоната за да се овозможи повеќе одмор. Резултатите беа исто толку збунувачки како и самото прашање: 40 отсто рекоа дека ќе го прифатат она што лигата ќе одлучи дека е најдобро, 35 проценти рекоа дека не сакаат да се смени сегашниот формат, а преостанатите 25 отсто сакаат промени. Како ќе бидат засегнати гледачите е една тема, парите се друга.
– Мислам дека ако сакате да ја добиете најдобрата достапност на играчите, скратувањето на сезоната може да биде во најдобар интерес за сите вклучени. Но тоа се и многу изгубени пари, мечеви на ТВ, пари. Да не заборавиме: ова е бизнис – рече тренерот на Денвер, Мајкл Мелоун.
Има 19 кошаркари со шанса да играат на сите 82 меча сезонава. Имаше само петмина што го направија тоа лани, 11 што играа на секој натпревар во сезоната 2020/2021 со 72 натпревари и 14 што ги одиграа сите можни натпревари во сезоната 2019/2020, прекината поради ковид-19. Порано не беше толку невообичаено кошаркарите да играат на секој натпревар, или барем речиси секој. Пред една деценија имаше 28 играчи што забележаа 82 настапи, една деценија пред тоа 46. Џон Стоктон одигра 82 меча 16 пати за Јута и пропушти 22 дуела во 19 сезони, АЦ Грин одигра 82 меча 14 пати во кариерата. Меѓу моментно активните играчи никој немал повеќе од пет сезони со 82 натпревара.
– Мислам дека 82 натпревара се совршени – рече Адетокунбо.
Бекот на Минесота, Ентони Едвардс, рече дека гледањето играчи понекогаш како одмараат на натпревар е нешто што најмалку му се допаѓа во лигата. Неговото образложение е дека можеби некој купил билет само за тој натпревар, а чувствата можат да бидат повредени ако паузира играчот што најмногу сака да го гледа. Кер е поборник за сезона од 72 меча, а го кажа тоа годинава по некои натпревари каде што актуелниот шампион Голден стејт им даде пауза на своите ѕвезди Стивен Кари, Клеј Томпсон, Дрејмонд Грин, бидејќи тимот смета дека тоа е во најдобар интерес на нивното здравје. Тој исто така знае дека сезона од 72 меча ќе има цена. Намалувањето на 12 отсто од мечевите од распоредот, теоретски, ќе намали 12 проценти од можностите за приходи. И иако не е веројатно дека сопствениците би прифатиле да заработуваат помалку пари, играчите веројатно нема да одат на тоа, пишува АП.
– Се чувствувам ужасно за гледачите што купуваат билети и очекуваат да видат некој играч, а тие не можат да го видат. Затоа ќе продолжам да се залагам за сезони од 72 меча. И знам дека тоа значи помал приход, но во одреден момент мислам дека само треба да има свест од сите вклучени – рече Кер.
Барем уште еден тренер го слуша Кер.
– Мислам дека во идеален свет сезоната би била пократка. Би ги развлекле натпреварите, ќе им дадеме на играчите повеќе време за закрепнување, се надевам на повеќе здравје. И мислам дека една од главните точки на акцент е за гледачите, повеќе играчи на теренот. Но тоа е комплицирана равенка – рече Мајк Буденхолцер од Милвоки.
Еден потенцијален начин што некои го претпочитаат е идејата да не се стискаат 82 меча во 170 дена, што во основа значи игра секој втор ден. Додавањето уште една недела во распоредот може да овозможи повеќе повеќедневни паузи. НФЛ и НХЛ имаат слободни недели. Тренерот на Минесота, Крис Финч, се прашува дали НБА треба да го стори истото тоа. НБА и Асоцијација на кошаркари се во преговори за нов колективен договор.
– Мислам дека дел од избегнувањето повреди значи како играчите ги третираат своите тела во текот на целата година, како тимовите комуницираат со играчите во текот на целата година и ги користат најдобрите податоци за да заклучат што ќе им овозможи на играчите да останат здрави и на паркетот што е можно подолго. Мислиме дека можеме да направиме подобра работа, но уште немаме конкретно решение – рече Силвер. Н.М.
Comentarii