top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Во МСУ две новоотворени изложби со водич и пролетно матине

12.04.2024 April Petok

Во Музејот на современата уметност во Скопје денес (13 април), во 12 часот на пладне, ќе се одржи МСУ водич и како настан матине дружење со диџеј сет на Дарко Јорданов. Со кустосот водич Бојана Јанева присутните ќе може да погледнат две новоотворени изложби. Едната е „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ Скопје 1964 – 2024“, под кураторство на Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Поставката проследува хронологија на настаните почнувајќи од 1963 година како нулта точка, преку формирањето на институцијата во 1964, изградбата и отворањето на Музејот во 1970, па до најактуелните изложби како меѓународната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ и самостојните изложби на светски уметници. Покрај прегледот на визуелниот и документарен материјал, плакати, публикации, претставен е и избор од делата од колекцијата на МСУ-Скопје, меѓу кои оние на Марино Тартаља, Ханс Хартунг, Александар Калдер, Петар Лубарда, Душан Оташевиќ, Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Анета Светиева, Малгоржата Потоцка, Јован Шумковски, Христина Иваноска, Что Делат…

Втората поствка е самостојна изложба на светски познатиот уметник Јонас Стал – „Станица Пропаганда“ под кураторство на Ивана Васева. Холандскиот уметник е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“. Еден од главните елементи кои ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност – Скопје е видеостудијата „Пропаганден театар“ од 2023, преку која го сумира десетгодишното истражување за пропагандата. Ставот на уметникот е дека пропагандата не е само испраќање и манипулирање на некоја порака, туку има за цел да конструира нови реалности. Според Стал, пропагандистите немаат интерес да работат во рамки на постојната реалност, туку сакаат да создаваат нови светови. Влезницата е 150 денари.


1 view

Comments


bottom of page