Во МКЦ: Концерт на десет македонски гитаристи и ЗЏМ Биг Бенд
Во организација на Младинскиот културен центар, Здружението на џез музичари и Слободни уметници на 24 август (21:30 часот), во паркот пред МКЦ, ќе се одржи концерт насловен “ZJM Big Band Orchestra & Macedonian Guitar Heroes“.
Станува збор за несекојдневен и единствен настан кој на иста сцена ќе ги обедини сите најдобри македонски гитаристи, придружувани од ЗЏМ Биг Бенд Оркестарот, под диригентство на Џијан Емин. Присутните ќе имаат можност да ја слушнат изведбата на познатите музичари Петар Ренџов, Игор Атанасовски Харе,
Венко Серафимовски, Влатко Стефановски, Димитар Божиков, Ади Имери, Зоран Костадиновски, Саша Спасовски Крокер, Предраг Икономовски и Александар Поп Христов.
“Ова се десетте македонски херои на гитара кои ќе бидат дел од овој настан кој ќе претставува своевиден самит на најдобрите гитаристи од Македонија. На програмата ќе бидат изведени светски познати џез класици, аранжирани за Биг Бенд изведба од страна на членови на Здружението на џез музичари: Зоран Костадиновски, Трајче Велков, Гордан Спасовски, Сашко Николовски, Дамир Имери и Џијан Емин“, велат организаторите.
Билетите за концертот се во ограничен број. Билетите се за седење, при што ќе бидат запазени мерките за заштита од ковид.
Comments