Во МКЦ: Изложба на Предраг Урошевиќ-Пепи
Во Галеријата на МКЦ, на 27 април, со почеток од 20 часот, ќе се отвори изложба на академскиот сликар Предраг Урошевиќ-Пепи (1963 – 2007), која ќе трае до 12 мај. Урошевиќ-Пепи во 1987 дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек Сликарство со сценографија, во класата на професор Родољуб Анастасов.
Од 1987 бил постојан член на ДЛУМ. Реализирал 19 самостојни изложби во земјата и во странство. Учествувал на повеќе групни изложби, како и во работа на неколку ликовни колонии.
Во 1993, по повод 30 години од земјотресот во Скопје, на перонскиот ѕид на Старата железничка станица во Скопје изработил мурал заедно со Тања Балаќ и Мирослав Масин. Значајни циклуси од неговото творештво се: „Линија и простор“, „In-Out“, „Геопоетика“, „Цртање на животот“, „Енергија во молив“. Во областа на графичкиот дизајн, има изготвено 13 книги (од издавачката продукција на куќите „Комунист” и „Млад борец”), како и 13 каталози за ликовни изложби.
Почнувајќи од 1997 година, работел и во графичката техника, при што за одбележување е интересот и успехот што ги постигнал со трите изложби на монотипии, од циклусот „Геопоетика”, одржани во Скопје, Белград и во Куманово. Бил ликовен педагог во клубот при Домот на културата „Кочо Рацин”, во период од 2001 до 2002, како и куратор на првата групна изложба на ликовниот клуб, одржана во јули 2002.
„Главниот слоган на Пепи уште од средношколските денови беше: ‘Треба да се сака уметноста во себе, а не себеси во уметноста’. (Треба волети уметност у себи, а не себе у уметности). Веројатно, следејќи ја таа идеја во понатамошниот живот и во неговото творење, многу тешко се вклопуваше во секојдневното клише на животот. Беше автор кој тешко, а, веројатно, и воопшто не се вклопуваше во институционалните рамки на еден успешен уметник кои беа наметнати во тоа време. Приказната за Пепи е приказна за уметник кој тешко се препознава, а за кој уште потешко се признава неговата посебност. Беше автор свртен кон себе и кон малите минливи работи. Неговата приказна нема среќен крај, туку е приказна на талентиран уметник кој не успеа да ги оствари сопствените творечки можности во полна мера, затоа што беше заглавен во нашата провинциска кал”, посочува Роберт Урошевиќ.
Comments