Во македонската Помпеја откриена биста на жена на римски император?!
На археолошкиот локалитет Стибера кај Прилеп откриен е ексклузивен наод, мермерна биста на жена за која се смета дека е Фаустина, сопруга на римскиот император Антониј Пиј, кој владеел во средината на 2 век од нашата ера. Според археологот од Прилепскиот музеј Душко Темелкоски, новите откритија меѓу кои се и прва агора во голем обем во земјава и мерна маса, го потврдуваат епитетот за „македонската Помпеја“ која нуди значајни наоди.
„Најрепрезентативен наод е бистата веројатно на Фаустина, жената на римскиот император Антониј Пиј. Тоа е време на најголемиот процут на градот, односно благосостојба на територијата на целото римско царство. Кога Фаустина релативно млада починала во 140 година од н. е., императорот ја прогласува за човек-божество. Во годините што следат во нејзина чест насекаде во царството се подигаат комеморативни бисти со нејзин лик. Бистата од Стибера била поставена на постамент во ниша која била луксузно декорирана со флорална орнаментика. Таа според извонредната изработка претставува можеби најрепрезентативниот пример на познатата работилница за мермерни скулптури во градот“, открива археологот Темелкоски. Тој додава дека редок артефакт е и агората во Стибера, место за купопродажба и дел од стопанските објекти на античкиот голем град.
“Агорите, големи плоштади во античките градови биле средиште на економскиот, религиозниот и социјалниот живот на луѓето. Покрај другото, агората претставувала и пазариште, место каде што граѓаните вршеле стоковна купопродажба. Со истражувањата откриен е всушност, т.н. административниот дел од агората во Стибера. Подот бил поплочен со мермерни и гранитни плочи, додека централно бил изграден ритуален бунар, околу кој се одвивале разни религиозни активности. Просторот бил заграден и покриен и според сочуваните остатоци од ѕидовите имал речиси квадратна форма со димензии 13 х 13 м“, додава Темелковски. Во Стибера се откриени и две мермерни маси. На едната била најверојатно поставена вага за овошните плодови, зеленчукот и житарките, а другата маса е мерна маса за верификација на количествата на течните продукти (млеко, вино).
За значењето на наодите зборува и фактот што вакви мерни маси, но во фрагменти, се пронајдени во Италија, Грција, Турција и Израел, а според сочуваноста, пак, може да се спореди со онаа од Помпеја. “На натписот на масата, прочитан од класичниот филолог Весна Калпакоска од Битола, службеното лице на агората, агораномот со име Ајлиј Химнос, во 142 година од н. е., донирал свои средства за поставување на мерната маса“, објаснува Темелкоски.
Следната година треба да да започне и реконструкцијата и конзервацијата на откриениот дел од агората во Стибера. Античкиот град, каде што во истражувањата се најдени преку 30 мермерни статуи и многубројни артефакти со конзервацијата може да биде атрактивна туристичка дестинација.
Comments