Во Куманово утре почнуваат 25. Денови на комедија
Во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово утре почнува Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“, на кој публиката ќе има можност да проследи комедии на дванаесет театри од нашата држава и од странство.
-Дваесет и пет години не е мала работа за еден фестивал. Успеавме можеби во најтешките времиња, минатите две години, да го одржиме овој фестивал, да продолжиме со организацијата. Имаме богата програма, 12 театарски претстави од Македонија, Хрватска, Србија и Бугарија и една офф-програма, претстава на млади кумановски актери, изјави на прес-конференција директорот на установата, Сашо Тодоровски.
Искусниот актер Горан Илиќ рече дека е чест што речиси од почетокот е вклучен во организацијата и сега, по 25 години, фестивалот е одржлив и е популарен.
– Почнавме многу скромно, но со текот на годините, фестивалот е самоодржлив, популарен, тоа може да се види од долгите редици пред билетарите и стана респектабилна, културна случка во Куманово. Драго ми е што постојано доаѓаат гости од поранешни југословенски простори, Бугарија, јазиците коишто ги разбираме и се надевам дека во иднина, ако имаме сила, дека би било добро да поканиме гости и од други јазични подрачја. Тоа е пракса на светски фестивал и мислам дека би било добро, изјави Илиќ.
Годинава, за разлика од претходно, ќе се доделат награди за најдобар актер и актерка, претстава, режија, сценографија и костимографија.
– Оваа година имаме вечер на стендап комедија на која ќе настапат млади актери и актерки, настапуваат Мирослав Петковиќ, Марко Трајковиќ, Чедомир Митевски, Ангела Стојановска и Тино и Атанас и мислам дека го заслужуваат целото наше внимание и време затоа што ова е нешто кое првпат се случува во Куманово. Тие заедно се организираат во четврток во 22 часот, ќе настапуваат по претставата, изјави Драгана Гунин од Советот на фестивалот.
Фестивалот „Денови на комедија“ – Куманово и годинава ја доделува наградата „Васил Иљоски“ овој пат на актерот Благоја Чоревски за особен придонес во театарска уметност.
На годинешново издание ќе настапат Градски театар Винковци со „Приватни животи“, Штипскиот театар со „Власт“, Прилепскиот со комедијата „Да, инспекторе“. Во сабота ќе игра „Атеље 212“ од Белград со „Славна Флоренс“. Во понеделник ќе настапи агенцијата „Импресарио“ од Белград со „Позови М ради ужитка“. На 4 октомври настапува театарот од Струмица со „Паника во хотел Палас“, наредниот ден Драматичниот театар Ловеч со „Службогонци“. Приштинскиот театар ќе настапи на 6 октомври со „Сомнително лице“. И годинава гостува Битолскиот театар со „Малиџано“, театарот од Тетово со „Малограѓанска свадба“, Велешкиот со „Слуга на двајца господари“, а фестивалот традиционално го затвора Кумановскиот театар со „Секс и лаги“. Сите претстави ќе почнуваат во 20 часот.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура со еден милион денари и од Општина Куманово со 450 илјади денари.
Comentarios