Во КИЦ „Битола“ се отвора светски ликовен настан – Првото меѓународно биенале на минијатурни графики
Во КИЦ „Битола“ се отвора светски ликовен настан – Првото меѓународно биенале на минијатурни графики и цртежи – Битола 2023 Вечерва, со почеток во 19 часот, во свечената сала на Офицерскиот дом – КИЦ „Битола“, се отвора Првото меѓународно биенале на минијатурни графики и цртежи – Битола 2023. Ова е најголем ликовен настан во земјата во овој период на годината, а единствен ваков во регионот. На Првото меѓународно графичко биенале на минијатурни графики и цртежи – Битола 2023, ќе бидат изложени над 700 дела работени во речиси сите графички техники, како и во речиси сите техники за изработка на цртежи: од јаглен, па сѐ до акварел, акрилик, комбинирани техники итн. Свое учество бележат 80-ина држави со над 400 автори. За оваа голема ликовна светска манифестација и за нејзиното понатамошно презентирање веќе пројавија интерес неколку ликовни центри сакајќи да се претставуват, популаризираат, афирмираат и во нивните средини. Големиот одѕив и бројот на присутните дела ја позиционираат оваа ликовна меѓународна манифестација во високо рангиран контекст. За обележување е и специјалното присуство, односно избраните колекции на 50 автори од Народна Република Кина, кои настапуваат како специфичен и авторски кинески павилион, колекцијата на шеесетина автори од Италија, во избор ина истакнатата италијанска графичарка Валерија Бертесина. Присуството на најистакнатите полски графичари, една од најзначајните графички средини во светот. Како и големиот интерес на автори од речиси сите дрѓави на Латинска Америка, од Мексико, Бразил, Аргентина. Битола, дефинитивно, е светски ликовен центар, со што македонската култура воопшто е претставена со истакнато значење и придонес од интернационален карактер.За изложбата се подготвува обемен каталог, кој ќе биде доставен до сите учесници, како и институции, а воедно ќе биде позициониран на интернет-платформи на кои се позиционирани каталози и книги од овој вид, со што ќе биде достапен до сите заинтересиран од целиот свет. Автор и носител на проектот е ликовниот уметник и кустос Владо Ѓорески, кој оваа изложба ја поставува во соработка со КИЦ „Битола“.
Comments