Во кино-салите или на стрим-платформите: Филмски приказни за студените зимски вечери
Некои од овие филмски наслови кои се жанровски разновидни (анимирани, трилери, драми, акциони, хорор) можете да ги погледнете или на големото платно или на стрим-платформите во периодов кој следува…
Улица на кошмарите
Во градските кина овој период може да се погледне американско-мексиканскиот криминалистички трилер во режија на Гиљермо дел Торо – „Улица на кошмарите“ (Nightmare Alley). Овој филм е мистерија, со мал дискретен пиштол сокриен од внатрешната страна на беж-мантилот, со кармин со гримизно црвена боја, детективски шешири и костими од златното доба на Холивуд. Во 40-тите години од минатиот век, пропаднатиот Стентон Карлајл се зближува со една гатачка и нејзиниот маж магионичар на еден патувачки карневал. Користејќи го новостекнатото знаење на манипулатор, Карлајл го гради својот успех мамејќи ги богатите. Надевајќи се на голем успех од неговата следна измама, тој крои план да измами опасен тајкун со помош на една мистериозна психијатарка, која е можеби најопасниот противник што некогаш го имал. Улогите ги толкуваат Бредли Купер, Кејт Бланшет, Вилем Дефо, Руни Мара, Тони Колет.
Мечокот од север: Клучевите од кралството
За најмладата публика интересен предлог е индиско-американската анимирана авантура – комедија „Мечокот од север: Клучевите од кралството“ (Norm Of The North: Keys To The Kingdom). Во него, Норм, новокрунисаниот мечок крал од Арктикот, мора да го спаси Њујорк и неговиот дом. Но, Норм од херој станува омразен антихерој. Тој мора да работи со неговите пријатели за да го обели својот образ и да го спаси неговото кралство. Режијата е на Тим Малтби, Ричард Фин, а гласовите ги позајмуваат Ендрју Тот, Кол Хауард, Маја Кеј.
Волкот и лавот
„Волкот и лавот“ или со оригинален наслов „Le loup et le lion“ е уште еден филм во кој младата македонската публика може ужива во градските кина. Во оваа француска семејна авантура една девојка која живее во канадската дивина, спасува малечок волк и малечко лавче. Нивното пријателство ќе им ги смени животите на сите… Улогите во филмот ги толкуваат Моли Кунц, Грахам Грин, Чарли Чарик, Еван Булунг, а режијата е на Жил де Мастре.
Електричниот живот на Луи Вејн
За љубителите на уметноста добра препорака е „Електричниот живот на Луи Вејн“ (The Electrical Life of Louis Wain). Оваа британската драма е биографски филм за англискиот уметник Луи Вејн кој се прославува кон крајот на 19-от век со неговите надреалистчни слики од мачки кои се навидум индикација за неговата опаѓачка ментална состојба. Режијата е на Вил Шарп, а улогите ги толкуваат Бенедикт Камбербач, Клер Фој, Андреа Рајзборо, Тоби Џонс, Стејси Мартин.
Вресок 5
На оваа листа филмски предлози се најде и американскиот хорор „Вресок 5“ (Scream). Во него, 25 години по убиствата во Вудсборо, нов сериски убиец испливува на површина и Сидни Прескот мора повторно да се врати и да ја открие вистината… Режијата е на Мет Бетинели-Олпин и Тајлер Жилет, а улогите ги толкуваат Нејв Кембел, Кортни Кокс, Дејвид Аркет, Мелиса Барера и Мејсон Гудинг.
Ајфел
Ајфел (Eiffel), пак, е насловот на француската комедија-драма која може да биде интересна за македонската публика. Во неа, Владата на Франција го најмува Ајфел да дизајнира нешто посебно и спектакуларно за Светскиот Саем во Париз во 1889. Ајфел од друга страна пак, едноставно само сака да ја дизајнира подземната железница. Одеднаш, сѐ се менува кога Ајфел се среќава со мистериозна жена од минатото… Режијата е на Мартин Бурбуло, а улогите ги толкуваат Ема Мекеј, Роман Дури, Пјер Деладочам, Арманд Булан.
355
Љубителите на трилери на големото платно можат да го погледнат и најновиот американски филм – „355“ (The 355). Во оваа акција, која е во режија на Сајмон Кинберг, улогите ги толкуваат Џесика Честајн, Пенелопе Круз, Дајан Кругер, Лупита Нуонго, Бингбинг Фан. Во филмот, кога едно тајно оружје паѓа во погрешни раце, една бунтовна агентка на ЦИА се здружува со три меѓународни агентки за да го вратат оружјето назад каде што припаѓа. Додека се на оваа смртоносна мисија, имаат уште една закана – некој го демне секој нивен чекор…
Семејството Бигфут
Оваа предлог листа ја завршуваме со уште еден филм наменет за помладата публика. „Семејството Бигфут“ (Bigfoot Family), кој македонската публика може да го погледне во градските кина, е продолжение на „Синот на Бигфут“ кој ја имаше својата премиера во кината во 2017. Во овој белгиско-француски анимиран филм, таткото ја користи својата новостекната слава за да се бори против нафтена компанија од Аљаска. Но кога тој исчезнува, синот, мајката, еден ракун и една мечка одат кон северот за да го спасат таткото… Режијата е на Џереми Дегрусон и Бен Стасен. (Н.И.Т.)
Comments