Во кината пристигнаа долгоочекуваните „Матрикс“, „Спајдермен“, „Гучи“…
Пред крајот на годината љубителите на филмови можат да уживаат во долгоочекуваните и најавувани остварувања кои веројатно ќе ја одбележат 2021. Станува збор за продолженијата на „Матрикс“, „Спајдермен“, „Кингсмен“…
Декември е месец на празнични радости, период пред почетокот на Новата година во кој секој сака да ужива и да се опушти со убави и интересни нешта. За љубителите на филмови, пак, декември е период кога можат да се погледнат божиќни и новогодишни филмови, но и некои остварувања кои се очекувале во текот на целата година…
„Божиќ е откажан“
Оваа филмска понуда секако стартува со американската романтична комедија „Божиќ е откажан“ (Christmas Is Canceled) во која дејството се движи околу Ема. Кога таткото на Ема започнува да излегува со нејзината непријателка од средно, таа мора да почне мисија за да ги раздели. Во филмот, улогите ги толкуваат Џанел Периш, Дермот Малруни, Хајли Орантиа, а режијата е на Прартана Мохан. Остварувањето набрзо присигнува во градските кина.
„Човек-пајак: Нема пат до дома“
Еден од најочекуваните филмови годинава, особено кај помладата публика е американската авантура-акција „Човек-пајак: Нема пат до дома“ (Spider-Man: No Way Home). Во најновото продолжение на филмот попознат како „Спајдермен“ главната улога повторно ја игра Том Холанд, а покрај него настапуваат и Зендаја, Џон Фавру, Џејкоб Баталон, а овојпат и Бенедик Камбербач. Филмот кој набрзо може да се види на големото платно е во режија на Џон Ватс, и во него за првпат во кино-историјата на Човекот-пајак, херојот од соседството е без маска и не може да се справи со високиот ризик да се биде херој. Кога бара помош од Доктор Стрејнџ, влоговите стануваат уште поопасни, принудувајќи го да открие што навистина значи да се биде Човекот Пајак.
„Матрикс: Воскреснувања“
Можеби единствено поочекуван од новиот Спајдермен, годинава е четвртиот дел на американската научна фантастична акција, „Матрикс“ – „Матрикс: Воскреснувања“ (The Matrix Resurrections). Светската премиера на големото платно на новиот дел ќе биде на 22 декември, а во нашите кина ќе може да се погледне веќе од наредниот ден. Овојпат, режијата е на Лана Вачовски, а во главните улоги се враќаат Кијану Ривс и Кери Ен Мос. Содржината на новиот дел е непозната. Да потсетиме, првиот дел – насловен „Матрикс“ беше снимен во 1999, според сценарио и режија на сестрите Вачовски (претходно браќата Енди и Лари). Во главните улоги тогаш покрај Ривс и Мос, настапи Лоренс Фишбурн, кој не се појавува во четвртото продолжение. Поради своето сценарио и визуелните ефекти филмот предизвика голем интерес и се здоби со статусот на култен филм. По првиот дел беа снимени уште две продолженија: „Матрица релоадед“ и „Матрица револуции“.
„Пејте со нас 2“
Уште едне интересен празничен филм, во кој љубителите на филмови, особено помладата публика може да ужива. Станува збор за „Пејте со нас 2“ (Sing 2). Оваа американска анимирана комедија е во режија на Гарт Џенингс, а македонската публика ќе може да ја погледне од 23 декември. Во него Бастер Мун и неговите другари мора да го убедат Клеј Каловеј, повлечена рок ѕвезда да им се придружи на отворањето на новото шоу.
„The King’s Man“
Уште едно продолжение, поточно третиот дел од серијалот филмови за тајната организација Кингсмен македонската публика може да го види на големото платно од 30 декември. Во американско-британската акција насловена „The King’s Man“ се прикажува како во раните години на 20. век е формирана организацијата Кингсман за да спречи тајна група да предизвика војна и да убие милиони луѓе. Во филмот главната улога ја толкува Ралф Фајнс. Покрај него настапуваат Џема Артертон, Метју Гуди, Том Холандер, а режијата е на Метју Вон.
„Куќата Гучи“
Во кината деновиве може да се погледне и американската криминалистичка драма-трилер „Куќата Гучи“ (House of Gucci). Во филмот улогите ги толкуваат Лејди Гага, Адам Драјвер, Џереми Ајронс, Џеред Лето, како и филмската легенда Ал Пачино. Оваа ѕвездена филмска екипа е водена од познатиот и реномоиран режисер Ридли Скот. Сместен во три декади исполнети со љубов, предавство, отменост, одмазда и конечно убиство, ова е филм во кој публиката може да види што значи името, колку вреди и колку далеку ќе оди едно семејство за да го контролира името Гучи. Околу остварувањето се дигна прашина бидејќи семејството Гучи не беше задоволно како се прикажани нивните роднини, посочија дека наративот и не е “баш точен“, а и дека филмаџиите воопшто не ги консултирале.
„Божји човек“
Во градските кина може да се погледне и грчката биографска драма „Божји човек“ (Man of God). Во неа е прикажан животот на Светиот Нектариј кој е проследен од постојан прогон. Свештеник од обичниот народ, со понизност која иритирала одредени свештенички кругови, и преданост која дополнително ги буди нивните сомнежи и клевети. Лишен од црквата и прогонет од својата парохија, Нектариј се препуштил на својата вера во Бога да биде негова одбрана. За разлика од своите „надредени“ – епископи и патријарси кои биле маѓепсани од земските искушенија и моќи – Нектариј се грижел за сиромашните, ги учел селаните да читаат и пишуваат, ги инспирирал младите да стапат во свештенство, пишувал книги и ја зацврстувал верата кај народот. Режијата е на Јелена Поповиќ, а улогите ги толкуваат Арис Сервиталис, Мики Рурк, Александер Петров…
„Приказна од западната страна“
Во рамки на декемвриската филмска понуда е и американскиот мјузикл „Приказна од западната страна“ (West Side Story), овој пат во режија на Стивен Спилберг. Тоа е адаптација на мјузиклот со ист наслов од 1957 година и ја прикажува забранетата љубов и ривалството меѓу Џетс и Шаркс, две тинејџерски улични банди од различни етнички потекла во Њујорк. Во филмот улогите ги толкуваат Ансел Елгорт, Рејчел Зеглер, Рита Морено, Кори Стол. (Н.И.Т.)
Comments