top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста” на Перо Кованцалиев

01.04.2024 April Ponedelnik

Во Музеј галеријата во Кавадарци отворена e изложба на скулптури насловена „За послушноста” од академскиот ликовен уметник – вајар Перо Кованцалиев. Изложбата се состои од дваесетина скулптури изработени од бронза, алуминиум и полиестер.

„Современиот македонски скулптор м-р Перо Кованцалиев, преку композициите од акумулирани ушни школки, поставени во различни формации од концептот „Послушност”, е во потрага по изгубениот јавен наратив, за рамнотежа од послушност и непослушност, тој толку потребен баланс – премин, низ кој послушноста се облагородува во творечка самодисциплина, а непослушноста во слобода на мислата и креативниот чин, истакна проф. д-р Васко Шутаров на отварањето на изложбата.

Вишиот кустос Трајче Цветков, пак, кажа дека во овие дела, Кованцалиев го ослободува обликот што е заробен и удавен во масата, отстранувајќи го вишокот од надворешната облога.

„Со мултиплицирањето на темите на оваа изложба преточени во полиестер, бронза и алуминиум, авторот се стреми да биде необјективен, па ни дозволува да ги согледаме неговите дела, секој на свој начин. Во исто време, преку овие апстрактно- асоцијативни минијатури, ја балансира послушноста со бунтот и незадоволството. Перо Кованцалиев како мултидисциплинарен ликовен уметник, воден од својата идеја и перцепција за уметноста, ни нуди еден уникатен начин за комуникација во врска со темите за кои твори, како една вечна борба на човекот со потребите, идеалите, совеста и нормативите воспоставени од општеството“, додаде Цветков.

Кованцалиев пред присутните нагласи дека низ овие минијатурни акумулации со асоцијативни формации за послушноста, како индивидуална карактеристика и општествена нужност, се обидува да ја нагласи општествената важност, но и нејзината спротивност, кои најчесто се видени како хаотични, недооформени, помалку познати и малку прифатени, појасни.

Изложбата е под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Кавадарци.


1 view

Comments


bottom of page