Во Италија откриени урнатини од храм посветен на божицата Атина стар 2 500 години
Во јужна Италија археолозите откриле урнатини од храм посветен на Атина, божицата на мудроста, стар 2.500 години, како и артефакти од голема поморска битка. Откритијата се направени во археолошкиот парк Паестум, јужно од градот Салерно.
“Структурата, која веројатно била долга 18 метри и широка 7 метри, дава увид во најстарата фаза на Паестум, некогашен голем грчки град основан од имигранти од Мала Азија“, се вели во соопштението на италијанското министерство за култура.
Според Масимо Осана, генерален директор на италијанските музеи, мошти од поморската битка, за која се верува дека се случила помеѓу 540 и 535 години пр. н.е, беа лоцирани во внатрешноста на храмот.
Меѓу наодите имало и два шлема. Според Осана, лабораториското испитување треба да открие дали има скриени натписи кои би можеле да дадат информации за идентитетот на војниците што ги носеле. Истражувачите шпекулираат дека храмот бил изграден по поморска битка за која античкиот грчки историчар Херодот напиша дека се случила на источниот брег на медитеранскиот остров Корзика.
„Важно е да продолжиме да инвестираме во археолошки истражувања, кои никогаш не престануваат да враќаат важни делови од медитеранската историја“, рече Дарио Франческини италијанскиот министер за култура.
Comments