Во Египет откриен загубениот златен град стар 3.000 години
12.04.2021 April Ponedelnik
Археолозите од целиот свет го поздравија откритието за кое се верува дека е најголемиот древен град кога било пронајден во Египет, кој илјадници години бил закопан во песок. Стручњаците тврдат дека се работи за едно од најважните откритија од ископувањата на Тутанкамоновата гробница, пишува британски „Гардијан“. Познатиот египтолог Захи Хавас го обелодени откритието на загубениот златен гард, наведувајќи дека местото е откриено во близината на Луксор, каде што се наоѓа и долината на кралевите. – Египетската мисија, под водство на д-р Захи Хавас, го пронајде градот што беше загубен под песокот. Тој е стар 3.000 години и датира од времето на владеењето на Аменхотеп Трети, а Тутанкамон и Ај продолжиле да го користат – соопшти тимот на археолози што работеше на проектот. Откритието е наречено најголем древен град што досега е пронајден во Египет, познат под името Атон.
Бетси Брајан, професорка по египетска уметност и археологија на универзитетот „Џонс Хопкинс“, вели дека „ова откритие е второ по важност по откривањето на гробницата на Тутанкамон“. Откриени се накит, садови од керамика во боја, амајлии во облик на бубачката скарабеј и тули од кал со печатот на Аменхотеп Трети. – Голем број странски мисии го барале овој град и никогаш не го пронашле – изјави Хавас, кој е бивш министер за антиквитети. Тимот почнал со ископувањата во септември 2020 година, на локација меѓу храмовите на Рамзес Трети и Аменхотеп Трети, во близината на Луксор, на 500 километри јужно од главниот град Каиро. Тимот на археолози исто така изразил оптимизам во поглед на натамошните важни откритија, напоменувајќи дека се откриени и групни гробници, до кои се доаѓа преку „скали издлабени во карпа“, опција како онаа пронајдена во долината на кралевите. – Мисијата очекува откривање на недопрени гробници полни со богатство – се додава во изјавата.
По повеќе години политичка нестабилност, поврзана со народниот бунт во 2011 година, која му зададе голем удар на клучниот египетски туристички сектор, Египет се обидува да ги врати посетителите, со промоција на своето древно наследство – пишува „Гардијан“. Египет минатата недела ги префрли мумифицираните останки на 18 древни кралеви и четири кралици од Египетскиот музеј во Каиро до новиот Национален музеј на египетската цивилизација во овој град, во рамките на поворката наречена „Златна парада на фараоните“.
Comentários