top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Во Дом на АРМ: Концерт за деца „Карневал на животните“

На 26 ноември (13 часот) во Дом на АРМ македонската детска публика ќе има единствена можност во живо да ја слушне фантастичната композиција “Карневалот на животните“ во изведба и адаптација на виолинстката Пламенка Трајковска а во пијано придружба на Ајхан Куртов. Настанот е хуманитарен и сите средства од продажбата на билети ќе бидат донирани во СОС Детско Село.

Наратор на концертот ќе биде поетесата Анита Бошкова. Специјални гости се ученици од училиштето Ѓорѓија Пулевски од четврто одделение, кои изработија маски од „Карневалот на животните“, под раководство на наставничката Јулија Петроска. ,,Карневалот на животните“ е најпознатата композиција за деца од францускиот композитор Камиј Сен Санс. Композицијата е хумористична музичка свита со четиринаесет ставови, која тој ја напишал во 1886 година. Музички опишува различни животни – лав, кокошки, желки, слон, кенгур, риби, магариња, кукавица, птици, лебед. Кога децата слушаат, треба да ги најдат музичките елементи на одделните животни како на пример брзо – бавно животно, дебело или слабо животно, во каква атмосфера се наоѓа и многу други елементи. Преслушувањето на ова дело кај децата овозможува развој на концентрација, имагинативно размислување, препознавање на звучните елементи и многу забава со класична музика.

Во 2018 виолинистка Пламенка Трајковска го сними албумот „Карневал на животните“ и тоа е достапно на сите дигитални платформи. По четири години од создавањето на албумот, македонската детска публика за првпат ќе може да ужива во концерт во живо со „Карневалот на животните“ како ексклузивна концертна промоција.

Организатор на концертот е Дирекцијата за култура и уметност и концертот е во рамките на Есенските музички свечености. Концертот се реализира со помош на Град Скопје и Министерството за одбрана на Република Македонија.


1 view

Comments


bottom of page