top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Во дерби-дуелите на најтрофејните без победа за домашните

Updated: Oct 27, 2021

26.10.2021 Oktomvri Vtornik

ФУДБАЛ – ВИКЕНД НА ГОЛЕМИ НАТПРЕВАРИ ВО ЕВРОПА

Прекрасен фудбалски викенд низ Европа со дерби-средби во четири од петте најсилни домашни првенства на Стариот Континент, во кои играа едни од најтрофејните клубови. Во шпанското дерби „Ел класико“, Реал Мадрид ја совлада Барселона на гости со 2-1, висока победи со 5-0 славеше Ливерпул на гости кај Манчестер јунајтед, италијанското дерби помеѓу актуелниот првак Интер и најтрофејниот Јувентус заврши без победник, 1-1, а реми, но без голови имаше во француската Лига 1, во „Ле класик“, помеѓу Марсеј и ПСЖ. Кога станува збор за светскиот фудбал, веројатно нема поголемо ривалство од Барселона – Реал Мадрид. Ова 247. издание на „Ел класико“ го гледаа љубителите на фудбалот во над 180 земји или повеќе од 650 милиони луѓе. Но овој меч не беше на нивото на некои незаборавни дуели од минатите години и децении. Ги нема повеќе Лионел Меси и Кристијано Роналдо, го нема дефанзивецот на „кралевите“ Серхио Рамос, кој одигра 45 „Ел класика“ пред летово да замине во ПСЖ. Во нивно отсуство доаѓа време на нови јунаци и на нова историја. Таа чест му припадна на дефанзивецот на Реал Мадрид, Давид Алаба, кој постигна прекрасен гол од дваесетина метри, прв за него во Ла лига.

Ливерпул го растури Манчестер јунајтед пред неговите гледачи на „Олд Трафорд“ (5-0), од кои многумина разочарани предвреме го напуштија стадионот. Манчестер јунајтед има загубено натпревар со поголема разлика од Ливерпул (7-1) на „Енфилд“ во октомври 1895 година. „Црвените“ од Ливерпул одиграа фантастичен натпревар и во 200-та победа за менаџерот Јирген Клоп (најбрзо од сите) му го нанесоа еден од најтешките порази на лутиот ривал на домашен терен. Мохамед Салах е стрелец на 10 меча во низа и стана првиот противнички играч што постигнал хет-трик на „Олд Трафорд“. Во дербито во италијанската Серија А, доцниот пенал, во 89. минута, претворен во гол од Пауло Дибала му донесе еден бод на Јувентус на гости кај Интер (1-1), со што „старата дама“ ја продолжи серијата од шест меча без првенствен пораз. На врвот на табелата се Наполи и Милан со по 25 бода, по седум повеќе од Интер, односно девет повеќе од Рома. Во Франција фокусот беше на мечот Марсеј – ПСЖ, во кој избраниците на Маурицио Почетино играа со 10 фудбалери од 40. минута по исклучувањето на Акраф Хакими. Во уште еден голем дерби-натпревар во Европа на најтрофејните, во Холандија, Ајакс дома го победи ПСВ со 5-0, а еден гол постигна Себастијан Алер, за него 14-ти сезонава во сите натпреварувања.


1 view

Comments


bottom of page