top of page
Search

Во Велес одржан концерт „Звукот на ехото“

Writer's picture: Aleksandar SantovskiAleksandar Santovski

Во салата Бели Мугри“ во Велес синоќа се одржа вториот солистички концерт насловен „Звукот на ехото“ на младата сопранистка Вероника Караколева од Велес во пијано придружба на проф. м-р Дилек Реџеп од Скопје. По повеќе од половина година ова е прв концерт во градот, чиј организатор е Општина Велес.

По пауза од пет и пол години, односно од 16 декември 2016 кога го одржа својот прв солистички концерт пред своите сограѓани, младата 22-годишна Караколева, која е апсолвентка на Софиската академија „Проф. Панчо Владигеров“ во класата на проф. д-р Мариа Белчева, синоќа повторно настапи во својот роден Велес. Таа како и на првиот и во овој солистички концерт на крајот од изведбата, беше наградена со силни аплаузи и овации од бројната публика која ја врати на бис.

Во изјавата за МИА, Вероника Караколева по успешниот концерт заблагодарувајќи им се на своите сограѓани за присуството и поддршката појасни дека настапот за концерт е макотрпна работа.

– Оперските арии бараат големи подготовки, голем труд, време и жртвување. Со пијанистката проф. м-р Дилек Реџеп работевме долго и напорно и како резултат на тоа е вечерашниот концерт. После овој концерт јас сум многу горда на себе како уметник, затоа што сметам дека неговата мисија е да допре до публиката, до душата на слушателите, а јас тоа го постигнав со својот вечерашен настап, потенцира Караколева.

Таа настапи со арии од Моцарт, Маскањи, Хендл и Верди и на крај популарната „I got rhythm“ од Џорџ Гершвин со која од публиката беше вратена на бис. Пијанистката Реџеп која цело време ја пратеше на пијано самостојно настапи со популарни дела од Шуберт и Шопен.

Вероника најави дека следниот концерт ќе го има на 19 мај во Софија, дека во јуни ќе дипломира, а потоа планира да продолжи со магистратура.

Инаку таа од 2020 година е солист на Градскиот камерен оркестар на Велес, под диригентската палка на маестро м-р Илија Настовски.

Освен во Велес и Скопје, како и настапите на Велешко културно лето и Рациновите средби, Вериника Караколева во 2021 настапи и како солист заедно со симфонискиот оркестар на Враца од Бугарија под диригентската палка на маестро Никола Петров. Таа редовно настапува на концерти во Софија со класата на проф. Мариа Белчева.

Во 2021 Вероника одржува два полурецитали заедно со пијанистката Ивона Базгалоска во рамките на „Музичката младина на Македонија“ и „Есенските музички свечености“ во Скопје.

Во изјавата за МИА пијанистката проф. м-р Дилек Реџеп појасни дека синоќешниот концерт е резултат на нивната седумгодишна заедничка работа уште од средношколските денови на Вероника, а таа ја придружувала и на нејзиниот прв концерт во Велес пред 5,5 години.

– Имаме своја публика и јас сум многу задоволна од Вероника која одлично напредува, потенцира Реџеп.

Таа најави дека планираат и заеднички трет концерт во Велес налето на отворена сцена и се надева како и досега на бројна публика.


 
 

Comments


bottom of page