Во Битола отворена изложба со избор од книжевните дела на Драги Михајловски (1951-2022)
Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола постави изложба на авторски книги и преводи од македонскиот поет, романописец и преведувач, битолчанецот Драги Михајловски (1951-2022).
Професорот Михајловски, кој пред два дена почина во Скопје, беше голем пријател на библиотеката и затоа одлучивме да приредиме еден ваков гест, истакнаа од НУУБ „Св.Климент Охридски“-Битола.
-Читателите може да се потсетат и повторно да ги прочитаат романот „Смртта на дијакот“ за кој Михајловски ја доби наградата „Стале Попов“, препевот „Сите драми и сонети од Шекспир“, односно 37 драми и 154 сонети од Шекспир за кои Михајловски ја доби наградата „Григор Прличев“, потоа романот „Бајазит и Оливера“, збирка раскази и драми „Пат за рајот“ или романот „Бдеењето на Одисеј“, посочија од битолската библиотека.
Македонскиот поет, ракажувач, романописец, есеист, преведувач и професор Драги Михајловски е преведуван на повеќе светски јазици, англиски, француски, германски, како и на јазиците на балканските народи, односно на српски, бугарски, словенечки и албански јазик
Comments