top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Во Белград отворена изложба на фотографии „Бисерите на Охридското Езеро“

Во Галеријата на Педагошкиот музеј во Белград беше отворена изложбата на фотографии „Бисерите на Охридското Езеро“ на уметницата Искра Пенева во рамки на манифестацијата на 13. Денови на македонската култура во Белград „Допирот на Македонија“. Поставката се состои од триесетина фотографии направени во периодот 2011-2014 година на повеќе локции на брегот на Охридското Езеро – Свети Наум, Пештани, Трпејца, Заливот на Коските, Охрид, Вевчани и Радожда, јави дописникот на МИА од Белград.

Изложените фотографии – меѓу кои „Спирален сон“, „Смирување на денот“, „Патување“, „На покривот на светот“, „Галичица“, „Патот на црниот сон“, „Билјана“, „Немир“, „Бакнеж“, „Пристаниште“, „Дома“, „Ќе те следам“…, го запознаваат гледачот со универзална приказна што може да се однесува на сите луѓе.

Ако фотографијата е поезија што се гледа, а неможе да се чуе, тогаш поезијата е слика што може да се чуе, но не и да се види, порача авторката на отварањетто на изложбата.

-Изложбата има две димензии. Првата се однесува на фотографии-разгледници на убавините на Македонија и Охридското езеро. Вторта димензиија е потрага по љубовта, по нејзините нераскинливи нишки, по мирното пристаниште… Го следам патувањето на еден млад човек кој на фотографиите е претставен со чамец. Тој патува низ светот, а светот е езеро. Различни пејсажи и градови низ светот се овековечени на фотографии, изјави Искра Пенева.

За Пенева езерото е предмет на инспирација, чиста енергија и, како што нагласи, ја обновува сопствената енергија на брегот на Охридското Езеро.

-Површината на езерото ја симболизира емоционалната состојба и промените низ кои поминува човекот – некогаш е мирно, па ние сме спокојни и присебни, а некогаш е турбулентно, па се сомневаме, порача Пенева.

Искра Пенева е родена 1980 година во Белград, дипломирала на Математичкиот факултет во Белград, и живее и работи во главниот град на Србија. Членка е на Друштвото на писателите на Србија и на Друштвото на новинари на Србија. Се занимава со поезија и фотографија, активно преведува од македонски на српски јазик, а освен тоа, создава и кратки музичко-поетски филмови.

Имала повеќе групни и самостојни изложби во Македонија, Србија и Хрватска.

Изложбата ја организираше Здружението „Македониум“ во соработка со Педагошкиот музеј, а беше поддржана од Градскиот секретаријат за култура на Белград.


1 view

Comments


bottom of page