Во Австралија по 25 години е пронајдена желка која дише низ задникот
05.05.2022 Maj Cetvrtok
Научниците по пат на ДНК-анализа на примероци од вода во северниот дел на Квинсленд открија дека во областа моментално има вид на желка која може да дише преку задникот кога е потребно и последен пат била видена во регионот пред повеќе од 25 години. Експертите од Универзитетот „Џејмс Кук“ (JCU) анализирале ДНК од примерок од реката Бурдекин и откриле дека таканаречената Ирвинова желка живее на неколку места. Го добила името по познатиот, сега починат, зоолог Стив Ирвин познт како „Ловецот на крокодили“ и неговиот татко Боб. „Добро е да се знае дека сè уште има некои во оваа област“, рече Демиен Бароус, шеф на истражување во Центарот за тропски води и водни екосистеми на JCU. Боб и Стив Ирвин ја откриле оваа желка (E. irwini) во сливот на реката Бурдекин во раните 1990-ти. Посебна е по тоа што може да дише на задникот, односно го користи аналниот отвор за да дише под вода. „До ова последно откритие, немавме никакви официјални податоци за да докажеме дека желката на Ирвин сè уште живее во долниот дел на реката Бурдекин“, рече Бароус, цитиран од „Гардијан“. Научниците анализираа примероци и ги пребаруваа реките Бурдекин, Бовен и Брокен во три периоди во 2020 и 2021 година, покривајќи 37 локации во три басени. „Порано, беше многу тешко да се најде желката на Ирвин бидејќи живее само на места каде што има крокодили или во планински притоки до кои е многу тешко пристапен“, рече Бароус. „Исто така, тие не е лесно да се фатат, а водата во која се наоѓаат не е чиста, така што не можат да бидат снимени со подводни камери. Но, ДНК-анализата го промени тоа бидејќи само требаше да земеме примероци и да ја пронајдеме нивната ДНК“, тој додаде. Процесот овозможува собирање на генетскиот материјал на еден организам од почвата, седиментот и водата, но не може да ја открие возраста на желките. „Не знаеме ништо за демографијата на оваа популација, но фактот што ја најдовме нивната ДНК, и покрај браната изградена во 1980-тите, сугерира дека возрасните желки Ирвин сè уште можат да преживеат во овие услови на матна вода“, рече биологот Сесилија Вилакорта-Рат.
Comments