Внуката Душка се расплака – величенствен концерт во Скопје, по повод 100 години од раѓањето на леген
Внуката Душка се расплака – величенствен концерт во Скопје, по повод 100 години од раѓањето на легендарната Васка ИлиеваСто години од раѓањето на легендарната македонска пејачка Васка Илиева синоќа (четврток 9-ти ноември) беа одбележани на величенствен начин во Скопје во Домот на АРМ. На големиот концерт во организација на Државниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ присуствуваа многу љубители на песните на Васка. Сепак, за најексклузивен дел од концертот се смета присуството на нејзината внука Душка Бангиева. Кога излезе на сцената да ја прими спомен-Плакетата, Душка ја совладаа емоциите… и се расплака! Разбирливо. Немаше физичка сила да ѝ се обрати на публиката. Место неа, зборуваше син ѝ, правнукот на Васка Илиева:
– Васка беше легенда во својот живот, Васка замина како легенда и Васка и понатаму живее како легенда. Како што во една благодарница се вели: ‘Од Васка и за Васка ќе пеат уште многу генерации’“, кажа силно чувствително правнукот на големата Илиева.
–
Васка Илиева кариерата ја започнала токму во „Танец“, а се останатото е историја. Испела неброено многу песни кои станаа обнародени: „И ние сме деца на Македонија“, „Мајка на Марика думаше“, „Песна за раѓањето на Гоце Делчев“, „Кажи Рајне“, „Ајде сите запејте весело оро играјте“, „Стани моме да заиграш“, „Трба трби Ѓевгелија“, „Кажи, кажи облаче ле бело“, „Имала мајка“, „Излегол Невен Пејо“, „Аир да не сториш мајко“, „Сестра брата моли за вечера“, „Песна за Никола Бадев“, “Таму долу Битола“, „Оро води Ангелина“, „Ој, Прилепе граде“, „За Карпош Војвода“, „На 4 мај Гоце загина“….сепак песната „Земјо македонска“ останува како најмоќна по која светот ја препознава Илиева.
–
Беше навистина многу популарна не само во тогашната Југославија, туку и на секаде каде што живеат Македонци-иселеници. Во тоа време на СФРЈ снима неброено многу грамофонски плочи за белградската ПГП-РТБ, а потоа ја добива и заслужената пензија во Србија: за истакнат уметник на Југославија, но и како ексклузивец на Продукцијата на плочи и касети од Белград.
–
Пеејќи ги македонските народни песни, Васка ги помина скоро сите страни на светот. 16 пати била во Америка и Канада, 11 пати во Австралија, 4 пати во Русија, Германија, Швајцарија, Англија, Холандија. Нејзините концерти и дома и во странство секогаш беа исполнети до последно место, се бараше билет повеќе.
За време на синоќешниот концерт во Домот на АРМ на големиот видео бим беа прикажувани вредни архивски материјали поврзани со животот и делото на Васка. На сцената во живо ги слушнавме само некои песни од Васка, феноменално испеани од бисерните грла на: Сузана Спасовска, Елена Андоновска, Драган Николовски, Ивана Серафимовска, Гоце Цоневски, Габриела Новевска и Кирил Митоски. Музичките адаптации, аранжмани и оркестрации беа на Дарко Илиевски.
–
Концертот како што почна така и заврши величенствено. А, заврши со маестралното пеење на Сузана Спасовка, која заедно со сите учесници, но и со публиката ја отпеаа сложно патриотската химна “Земјо македонска“! Песна по која, најмногу ја памтиме Васка.
Текст и фото: Дуле Миќиќ
https://www.vecer.press/
Comments