Вложувањата во трансфери се враќаат на нивото пред пандемијата?
02.02.2022 Januari Sreda
ФУДБАЛ – ЗАВРШИ ЈАНУАРСКИОТ ПРЕОДЕН РОК
Клубовите од англиската Премиер-лига во јануарскиот преоден рок за трансфери на фудбалери потрошиле 295 милиони фунти (околу 353 милиони евра), што е второ најголемо трошење во јануари во историјата, по она во 2018 година, кога се „свртеа“ рекордни 430 милиони фунти (514,7 милиони евра) објави „Би-би-си“. На последниот ден од зимскиот преоден рок, 31 јануари, во Премиер-лигата биле направени 12 трансфери, по што се чини дека клубовите закрепнаа од ефектите што ги предизвика пандемијата на ковид-19 врз нивните финансии. Лани во јануари премиерлигашките клубови потрошија 70 милиони фунти (83,8 милиони евра), од кои помалку од 10 милиони фунти (12 милиони евра) во последниот ден од преодниот рок. Повеќе од половината потрошени пари зимава, 180 милиони евра, се на петте најслабопласирани клубови на табелата, Евертон, Норвич, Њукасл, Вотфорд и Барнли. Минатата година последната петорка потроши вкупно шест милиони евра. – Овој преоден рок покажува дека финансиските притисоци на ковид-19 врз клубовите од Премиер-лигата се намалуваат. Трошењето се враќа на нивоата пред пандемијата и, неверојатно, тоа е меѓу најголемите што некогаш сум ги видел во јануари. Премиер-лигата продолжува да води на тој план на глобално ниво, задржувајќи го статусот на најголема домашна фудбалска лига во светот во финансиска смисла, поддржана од полните стадиони, обезбедувајќи и силни договори за ТВ-преноси во странство – вели Ден Џонс, партнер и шеф на Спорт и бизнис-групацијата на „Делојт“. Клубовите во преостанатите четири најсилни европски лиги, шпанска Ла лига, италијанска Серија А, германска Бундес-лига и француска Лига 1, во јануари заедно потрошиле 380 милиони евра на трансфери. Нето-трошењето на клубовите од Премиер-лигата (трошокот за купување минус продажбата) од 215,5 милиони евра е највисоко од воведувањето на јануарскиот преоден рок во 2003 година. Тотенхем направи повеќе трансфер-зделки во јануари, од кои две со Јувентус, за трансферот на Родриго Бентанкур и за Дејан Кулушевски, кој пристигна на заем. Од клубот замина Деле Али, во Евертон, а на заем Танги Ндомбеле (во Лион), Брајан Гил (во Валенсија) и Џовани Ло Селсо (во Вилјареал). Ливерпул го направи најскапиот трансфер во Англија зимава, еден ден пред истекот на преодниот рок, со крилниот напаѓач на Порто и на Колумбија, Луис Дијаз, за 60 милиони евра (45 милиони веднаш и 15 во бонуси). Њукасл, кој е во трката за опстанок, потроши најмногу зимава, повеќе од 111 милиони евра, за ангажманите на бразилскиот играч за врска на Лион, Бруно Гимараеш, за 43 милиони евра, плус осум милиони во бонуси, напаѓачот на Барнли, Крис Вуд, за 30 милиони и десниот бек на Атлетико и на Англија, Киран Трипиер, за 14,3 милиони евра.
Кога станува збор за заемите на играчи, за обележување се зделките на Барселона, која ги ангажира Пјер-Емерик Обамејанг од Арсенал и Адама Траоре од Вулверхемтон, а во Астон вила го испрати Филипе Кутињо. Манчестер јунајтед остане без тројца играчи, Антони Марсијал, Амад Диало и Дони ван де Бек, кои заминаа во Севилја, Ренџерс, односно во Евертон. Во Премиер-лигата имаше уште четири трансфери вредни над 10 милиони фунти (12 милиони евра). Астон вила го ангажира левиот бек на Евертон, Лукас Дињ, за 30 милиони евра, а Евертон купи двајца дефанзивци за вкупно 32,3 милиони евра, Нејтан Патерсон од Ренџерс и Виталиј Миколенко од Динамо Киев. Во Европа, најскапиот трансфер зимава го направи Јувентус, кој го ангажира напаѓачот на Фиорентина, Србинот Душан Влаховиќ, за 70 милиони евра, плус бонуси.
Шест клуба без нови играчи продолжуваат во ЛШ
Баерн, Бенфика, Челси, Манчестер јунајтед, ПСЖ и Реал Мадрид со истите тимови ќе ја доиграат сезоната во Лига на шампионите (ЛШ), откако не ангажираа ниту еден фудбалер во зимскиот преоден рок, според податоците на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА). Според информацијата на интернет-страницата на УЕФА, Реал Мадрид е единствениот што нема промена во составот, бидејќи нема и ниту еден што заминал од клубот. Сезоната во ЛШ продолжува на 15 февруари, со дуелите Спортинг – Манчестер сити и ПСЖ – Реал Мадрид, а потоа се мечевите Салцбург – Баерн, Интер – Ливерпул (на 16 февруари), Челси – Лил, Вилјареал – Јувентус (на 22 февруари), Бенфика – Ајакс и Атлетико – Манчестер јунајтед (23 февруари).
Comments