Влада Урошевиќ добитник на „Златен венец“: Поезијата придонесе за усовршување на македонскиот книжев
Влада Урошевиќ добитник на „Златен венец“: Поезијата придонесе за усовршување на македонскиот книжевен јазик-Поезијата како највисок облик на користење на јазикот како начин за негово претворање во уметничка вредност, извонредно многу придонесе за усовршување на македонскиот книжевен јазик и за неговото искачување кон високите области на современиот сензибилитет. Макар што тоа не се истакнува доволно често, поетите и преведувачите на поезија беа во првите редови на тој поход насочен кон освојување на новите хоризонти, истакна лауреатот на СВП Влада Урошевиќ, во својата порака која беше прочитана во Скопје по повод добивањето на наградата „Златен венец“
Македонскиот поет Влада Урошевиќ e добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2023 година. Годинашниот лауреат на СВП беше објавен истовремено денеска, на Светскиот ден на поезијата – 21 март, во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје и во седиштето во УНЕСКО во Париз, каде што академик Влада Урошевиќ лично се обрати пред присутните.
-Името на Влада Урошевиќ, дури и кај оние кој не се упатени во неговото долгогодишно и повеќежанровско творештво, е синоним за страстен вљубеник во писмото, искрено посветен на заводливата магија на книжевното создавање и наспроти сите искушенија на современието, непоколебливо верен на словото. Подготвен со леснотија да се испроба и творечки да се покаже во најразновидни жанровски облици и експерименти со речиси рамномерен удел во сите нив, Урошевиќ остана продуктивен и витален и денес во своите позни години кои извонредно луцидно и без видлив напор ги носи. Урошевиќ е непорекливо апартна фигура во македонската литература. Неговото писмо има свој препознатлив печат и ако случајно не е посочен авторот на овие записи, речиси со сигурност ќе го погодиме неговото име, рече претседателката на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, Елизабета Шелева, која го соопшти добитникот на „Златен венец“ во Скопје.
Според Шелева, Урошевиќ остана доследен и не само во нашата литература, препознатлив по креативниот спој на фантастиката и надреализмот што ги негува во своите бројни авторски записи, но и во неуморните читателски авантури, проткаени со истражувачко љубопитство и траен афинитет кон овие две сродни области.
Академик Влада Урошевиќ (1934, Скопје), е и прозен автор, критичар, есеист, антологичар и преведувач. Тој во својата порака, која беше прочитана во Скопје, по повод добивањето на наградата, посочи дека поезијата како највисок облик на користење на јазикот како начин за негово претворање во уметничка вредност извонредно многу придонесе за усовршување на македонскиот книжевен јазик и за неговото искачување кон високите области на современиот сензибилитет.
-Макар што тоа не се истакнува доволно често, поетите и преведувачите на поезија беа во првите редови на тој поход насочен кон освојување на новите хоризонти, истакна лауреатот во пораката.
Инаку, Урошевиќ, почнувајќи од „Еден друг град“ (1959) објавил десет збирки поезија. Меѓу неговите прозни дела има шест збирки раскази, пет романи, три книги записи и патописи. Има две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството. Помеѓу антологиите што ги составил се изделуваат: „Црниот бик на летото“ (1963), избор од поезијата на помладата генерација македонски поети, „Црна кула“ (1976), антологија на фантастичниот расказ во литературите на некогашната Југославија и „Големата авантура“ (1993), антологија на францускиот надреализам. Неговата дејност како преведувач на поетски дела е свртена, пред сè, кон француската поезија. Ги препеал на македонски „Цвеќињата на злото“ на Ш. Бодлер, како и изборите од поезијата на А. Рембо, Г. Аполинер, П. Елијар, А. Бретон, А. Мишо, Ж. Превер.
Влада Урошевиќ е единствен македонски поет што ја добил трипати наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на Струшките вечери на поезијата. За својот книжевен опус, именуван е од Владата на Република Франција, прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот ред. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански јазик. Урошевиќ, за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, минатата недела во Скопје ја доби наградата „Роман на годината“ за 2022 на Фондацијата „Славко Јаневски“.
Поетот Гевин Бредли, пак, е добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2023 година за стихозбирката „Страв од разделба“. Наградата „Мостови на Струга“ ја доделува СВП заедно со УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга во светот.
Гевин Бредли е дводомен автор, ирски поет од Белфаст, Северна Ирска, кој од 2012 година живее и пишува во Канада. Бил објавуван на обете страни на Атлантикот, а неговата поезија била вклучена и во Антологијата на најдобри британски и ирски поети во интервалот меѓу 2019 и 2021 година.
-Наградената поетска книга „Страв од разделба“ е трогателно деби на Гевин Бредли, во која поетот го истражува емоционалниот данок кој произлегува од различните видови разделби. Разделба со партнерот, разделба со пријателите, разделба со претходното чувство за себе си или разделба со домот и луѓето кои сме ги оставиле зад нас. Особено впечатливи се песните кои ја тематизираат самотијата на емиграцијата и немирот на разделбата од Северна Ирска, татковината на поетот, рече членот во Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, Владимир Мартиновски.
Како што посочи Мартиновски, станува збор за една исклучително кохерентна книга, но богата и слоевита.
-Овие интимни песни навлегуваат во личните приказни преку плејада личности и места од пристанишни градежници до кучиња, од морски брегови до вулкани и „нежни усни кои брмчат како кошници“. Песните на Гевин Бредли ја прикажуваат трајната љубов на луѓето, трајната љубов за луѓето или јазикот и земјата. Поетската книга „Страв од разделба“ во таа смисла во себе носи една силна порака за надеж, рече Мартиновски, додавајќи дека комисијата имала тешка задача во селектирањето на добитникот од пристигнатите 40 наслови од целиот свет, од кои повеќето биле извонредни поетски книги.
По прогласувањето на лауреатите на СВП, во НУБ „Св. Климент Охридски“ беа прочитани поетски посланија по повод Светскиот ден на поезијата од претставници на Македонскиот ПЕН центар и Друштвото на писателите на Македонија, а потоа се одржа и поетско читање од истакнати македонски поети.
„Златниот венец“, една од најценетите меѓународни награди за поезија во светот, досега ја имаат добиено тројца македонски поети, а претходно Блаже Конески (1981) и Матеја Матевски (2011). (Н.И.Т.)
Comentarios