Вкупно 40 преведувачи во трка за наградата „Драги“
05.07.2024 juli Petok
До крајниот рок за доставување на номинациите во редакцијата на организаторот „Антолог“ пристигнаа рекордни 43 дела во превод на македонски јазик, како во печатен така и во електронски формат во конкуренција, за наградата „Драги“ за најдобар превод. Во конкуренција за наградата се 40 преведувачи, што е повеќе од минатата година.– Книгите се објавени од 18 издавачки куќи или од поединци, а преводите се направени од 18 различни јазици. Опфатени се четириесет странски автори од сите жанровски категории – романи, раскази, книги за деца, драми. Сето тоа сведочи за разгранета и опсежна преведувачка продукција, но и за многу силна конкуренција – велат од „Антолог“.Меѓу нив се: Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански на „Интимен живот“ од Николо Аманити; Ана Неверова-Христова и Филип Христов за преводот од руски на „Злосторство и казна“ од Фјодор М. Достоевски; Горјан Костовски за преводот од англиски на „Страв од разделба“ од Гевин Бредли; Дарко Спасов за преводот од словенечки на „Агни“ од Борут Крашевец; Диана Николовска за преводот од англиски на „Оџачарот“ од Џонатан Оксие; Ѓоко Здравески за преводот од хрватски на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ; Ѓорѓи Крстевски за преводот од руски на „Паѓаат старци“ од Данил Хармс; Екатерина Бабамова за преводот од англиски на „Градот на победата“ од Салман Ружди; Елисавета Поповска за преводот од француски на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно; Ели Пујовска за преводот од холандски на „Несреќникот“ од Луис Коуперус и др.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.
Commentaires