Вклучете го секое дете во создавањето театар се вели во националната порака за Светскиот ден на детските театри
20.03.2024 Mart Sreda
„Иднината им припаѓа на децата, а нам, должноста кон нив сега, овде и секојдневно да им овозможиме театар. Театарот е слобода на изразувањето, креирањето. Театарот е љубов. Театарот е свет без граници, како детската креативност, детската фантазија и чиста љубов која како никогаш досега, ни е потребна. Должни сме да им дадеме слобода на изразување и простор каде имагинацијата е реалност, а каде емоцијата не е слабост. Да видат, да слушнат, да почувствуваат сè околу себе и во себе“, вели во пораката по повод Светскиот ден на детските театри – 20 Март, претседателката на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ, м-р Јулијана Мирчевска.
Притоа Мирчевска го цитира членот 13 од конвенцијата на ОН за заштита на правата на децата којшто вели: „Детето има право на слобода на изразување која ја опфаќа и слободата да бара, да прима и да дава информации и идеи од сите видови, без оглед на границите, било усно или писмено, преку печатот, уметноста или друг медиум по избор на детето“.
На пораката: „Одведете го детето на театар, или театарот однесете го до секое дете“, таа додава: „Вклучете го секое дете во создавањето театар“.
„Гледањето претстави или впуштањето во процесот на создавање театарска претстава ќе им помогне на децата не само да го осознаат светот туку да се осознаат и себеси. Детството, најубавиот период од животот кога се формираат идните „големи луѓе“ е период во кој треба да ги насочиме децата, да им овозможиме возбудливи доживувања, одговори на многу животни прашања, но и да создадеме индивидуалци со вистински вредности. Секој театарски работник и секој уметник да се посвети повеќе на создавање дела за деца или работа со децата. Театар за секое дете од градските и руралните средини. Децата се нашата иднина, а за да имаме убава иднина треба да се вложиме денес. Театарот е убавина која им ја должиме на децата“, се додава во националната порака.
Comments