Вистинска реткост: Во црква во Лешок откриен фрагмент од живопис постар од 17 век
Откриениот трет слој живопис се наоѓа во олтарот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Лешок, во долната зона, под слојот од 17 век и се работи за фигура на архијереј во цел раст со свиток во раката
Во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Лешок, Тетовско, конзерваторите наидоа на постари слоеви и трислојно сликарство на фрескоживописот што претставува вистинска реткост. Со истражувачките активности беа потврдени двете претходно евидентирани фази на живописот од 19 век и 17 век, а за најстариот, трет слој живопис постоеја само посредни, пишани извори.
Сега откриениот, трет слој живопис доби и материјална потврда, а се наоѓа во олтарот, во долната зона, под слојот од 17 век и се работи за фигура на архијереј во цел раст со свиток во раката.
Конзерваторите нагласуваат дека точниот период на датирање на новооткриениот слој ќе го соопштат историчарите на уметноста.
Конзерваторот Владо Мукоски информираше дека живописот од 17 век ќе биде поставен на носач, за да може да се поместува и да се види и постариот слој под него. Тој ја нагласи важноста на откриеното трислојно сликарство и додаде дека методите кои ги применуваат се навистина иновативни, со тоа што ќе бидат презентирани и живописите и од 17 и од 19 век.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во минатото била главна манастирска црква на Лешочкиот манастир. Таа се наоѓа во југоисточниот дел на манастирскиот двор и е една од најстарите добро сочувани цркви во Полог. Според историски извори црквата е подигната врз постаро култно место во византискиот период кога Лешок бил градска населба.
Досега сочуваниот живопис потекнува од два периода, од 17 и 19 век, и се толку мајсторски компонирани што претставуваат една целина за посетителот.
Живописот на олтарот и нартексот е од 19 век. Во олтарот тој е нанесен врз постари живописи, така што се гледаат три слоја. Живописот од 17 век е мошне интересен, бидејќи во себе содржи елементи од класична византиска уметност од 14 век и белези на барокот. Во црквата има и иконостас, кој е изработен во 1879 година, од галичанецот Михаил Ѓурчинов.
Од Министерството за култура посочуваат дека заштитата на оваа црква изминатите пет години е издвоена како приоритет во Програмата на Владата, а надлежната установа, Национален конзерваторски центар – Скопје, изврши препокривање и архитектонска консолидација на објектот. Тие го реализираа и конзерваторскиот проект за ѕидно сликарство кој се одвиваше етапно, изминатите три години со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Comentários