top of page
Search

Виртуози на гитара – тандем без конкуренција! Овации за Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ во Скопје

03.06.2024 Juni Ponedelnik

Точно дваесет години по првото издание на нивниот заеднички албум „Трета мајка“, со десет инструментални преработки на македонските народни песни на цеде, деновиве беше објавено и винилно издание од ова музичко ремек-дело.

Токму по тој повод, викендов во Скопје повторно се сретнаа двајцата пријатели, двајца музички барда, врвни гитаристи, кои покажа зошто се тандем без конкуренција

Моќна изведба на двата големи виртуози на гитара, огромна љубов кон македонската традиционална музика и аплаузи и овации по секоја отсвирена нумера… Вака накратко би ги опишале двата извонредни концерта кои врвните музичари Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ ги приредија викендов за публиката во Македонската филхармонија во Скопје.

Точно дваесет години по првото издание на нивниот заеднички албум „Трета мајка“ со десет инструментални преработки на македонските народни песни на цеде, деновиве беше објавено и винилно издание од ова музичко ремек-дело.

Токму по тој повод, викендов во Скопје повторно се сретнаа двата пријатели, двата музички барда, врвни гитаристи, кои покажа зошто се тандем без конкуренција.

„Ако имате потреба, затворете ги очите, ако имате потреба, отворете ги. Како и да е, само уживајте“, кажа на концертот Влатко Стефановски. И уживавме… во вечери полни со емотивна изведба на добропознатите нумери „Јовано, Јованке“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Опа –иха“, „Македонско девојче“, „Пајдушко“…

Длабоката меѓусебна почит и пријателството кое трае полни триесет години го направија своето. Публиката во салата на Македонската филхармонија целосно уживаше во секој тон, во секоја нумера, од почеток до крај, а бурниот аплауз и стоечките овации на публиката, која бараше бис, беа доказ за нивната големина како музичари, за нивната поврзаност и соработката која трае…

„Секој концерт е нова авантура, ново искушение и ново искуство“, кажа Стефановски, кој и двете вечери не изостави да го претстави и пофали својот пријател и музички соработник, Мирослав Тадиќ.

„Има десет и пол илјади километри помеѓу тоа каде живеам јас и каде живее тој. Мирослав доаѓа од Лос Анџелес, а потекнува од нашите краишта. Тој не е само професор, туку и градител на гитари, а сам ја изградил и гитарата на која сега свири. Соработувал на многу значајни проекти и со многу значајни имиња. Тој е мој многу добар пријател од 1995“, кажа Стефановски.

Тој претходно откри дека Тадиќ е одличен познавач на македонската народна музика и колекционер на плочи од Васка Илиева, Никола Бадев, Александар Сариевски…

И токму тоа големо пријателство, кое трае толку долго, резултираше со два извонредни концерта и неверојатна заедничка изведба на антологиски нумери, при која се разбираа со поглед, речиси без зборови и во целосна занесеност која ја пренесоа и на публиката. И ако за Влатко Стефановски, секоја негова средба и настап со Мирослав Тадиќ е празник на музиката, тогаш за публиката овие две вечери беа музичка прослава која посакаа да трае што подолго.

Стефановски пред присутните освен на својот пријател и соработник Тадиќ, се заблагодари и на  продукцијата „Авалон“, која го реиздаде албумот „Трета мајка“ на винил, кој како што кажа „повторно е во мода“, но и на Македонската филхармонија за гостопримството.  Заедно со Тадиќ, пак, ѝ кажаа благодарам и на публиката, нивните фанови, кои и двете вечери со нескриено задоволство уживаа во изведбата на двајцата виртуози. (Д.Т.)


1 view

Comments


bottom of page