top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Виртуелна промоција на зборникот „Конески на 11 јазици“

Зборникот „Конески на 11 јазици“ од Првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), одржана на почетокот на годинава, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, ќе биде виртуелно промовиран денеска, со почеток во 12 часот, на платформата Зум. Зборникот содржи препеви на песни и преводи на кратки прозни текстови на Конески остварени од странски македонисти слушатели на двата напредни курса за литература и за преведување на Зимската школа, со што делови од творештвото на Конески коишто претходно не беа преведени на сите овие јазици, сега се објавуваат на: руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, грчки и турски јазик. Станува збор за прв зборник на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во којшто се објавуваат во толкав обем и на толку јазици препеви и преводи од творештвото на Конески остварени во текот на програмските активности на Семинарот.

Истовремено, во Зборникот се објавени и текстови со сеќавања за Конески од странски македонисти – академиците Зузана Топољинска, Иван Доровски, Виктор Фридман и Горан Калоѓера. Промоцијата ќе ја отвори ректорот на УКИМ, проф. Никола Јанкуловски, а ќе се обрати и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. Весна Мојсова-Чепишевска. Промотори на Зборникот се странските македонисти: проф. Намита Субиото од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана и проф. Даниела Костадиновиќ од Филолошкиот факултет на Универзитетот во Ниш. На промоцијата ќе учествуваат и лектори по македонски јазик, литература и култура на неколку универзитети: Марија Пандева на МГУ „Ломоносов“, Марина Цветаноска на Истанбулскиот универзитет и Биљана Стојановска на Универзитетот во Риека.

Планирано е потоа семинаристите на Првата зимска школа на МСМЈЛК да прочитаат свои препеви на песни и преводи на кратки прозни текстови од Конески објавени во Зборникот. Во оваа пригода ќе бидат споделени и искуствата од Првата зимска школа на Роза Тасевска, којашто го водеше курсот по преведување, и на проф. Весна Мојсова-Чепишевска, којашто го водеше курсот по литература. На Првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура учествуваа педесетина учесници од 15 земји.


2 views

Comments


bottom of page