Вилшир му понуди интересен излез на разочараниот Азар: Би уживал да игра за него
Џек Вилшир од пред извесно време е дел од тренинзите на Арсенал и доби шанса од матичниот клуб да се одржува во форма до моментот кога ќе си пронајде нова средина, но како играч кој своевремено играше и за Бурнмаут, денеска излезе со своја анализа за последното големо движење во Премиер лигата.
Еди Хау вчера беше претставен како нов менаџер на Њукасл и сите во овој клуб се воодушевени од ангажманот на младиот стручњак со иновативни методи, со кои е запознаен и Вилшир со оглед на тоа што работеше под негова тренерска палка во екипата на Бурнмаут.
Вилшир смета дека Еди Хау е одличен избор на Њукасл, но со оглед на тоа што клубот располага и со огромни финансиски средства, му понуди и интересен излез на Еден Азар кој се соочува со навистина лоша ситуација во Реал Мадрид.
Белгиецот е далеку од статус на стартер во тимот на Карло Анчелоти, а се позагрижен станува и селекторот на Белгија, Роберто Мартинез, кој посочи дека не смее да се дозволи да се дојде до ситуација кога Еден веќе нема да ужива во фудбалот.
– Еди Хау беше одличен со мене во Бурнмаут. Тој период беше тежок за мене бидејќи од голем клуб како Арсенал, заиграв за Бурнмаут. Се вметнав во група која беше заедно од Лига 1, сите беа пријатели и тој ми помогна да се вклопам. Тој е одличен избор за Њукасл и мислам дека ќе му се даде време за работа. Еден Азар е на друго ниво од овој тим на Њукасл, но сметам дека тој би уживал да игра за Еди Хау во Њукасл. Еди е тип на менаџер кој го вади најдоброто од вас и за кого сакате да играте со оглед на стилот кој го негува. Азар би уживал со него, – вели Вилшир за „Ток Спорт“.
Σχόλια