Вилијам Шетнер од „Ѕвездени патеки“ полета во вселената
Научната фантастика речиси стана реалност – иконата на Star Trek, капетанот Кирк, навистина првпат стигна до универзумот. Холивудскиот актер Вилијам Шетнер беше член на екипажот на подорбитална капсула „Блу ориџин“, со што стана најстарата личност што некогаш била во вселената. Ова беше втор комерцијален лет на вселенската капсула „Њу шепард“ на компанијата „Блу ориџин“, која е во сопственост на Џеф Безос. 90-годишниот канадски актер, кој го глумеше капетанот Џејмс Ти Кирк и долго командуваше со вселенскиот брод „Ентерпрајз“ во култниот серијал „Sвездени патеки“, полета од пустината Тексас со уште три лица. Во син астронаутски костим за летање Шетнер се качи во целосно автоматизираната капсула заедно со тројцата сопатници. Нивното патувањето траеше 10-ина минути. Леталото безбедно слета нешто по 10 часот по локално време (16 часот по средноевропско време). Луѓето што беа на бродот доживеаја краток период на бестежинска состојба кога се искачија на максимална надморска височина над 100 километри (60 милји). Оттаму тие можеа да го видат закривувањето на Земјата преку големите прозорци на капсулата. „Секој во светот треба да го стори ова“, му рече канадскиот актер на Безос кога се врати на Земјата. „Беше неверојатно“.
Comments