Викендов на МОТ богата програма
„Како крајот и да не е сосема блиску“ – екперименталната претстава без актери на Битеф театар од Србија, а во режија на Никола Зависиќ синоќа во МНТ го отвори 46. Млад отворен театар (МОТ) кој годинава ќе се одржи во целосно физичко издание и во два блока – од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември. Публиката, составена од пет луѓе, доживеа виртуелно патување низ можните нови светови… Претставата во рамки на фестивалот ќе има уште неколку изведби – на 20 и 21 ноември од 12, 14, 16, 18 и 20 часот во МНТ.
Инаку, викендов на МОТ, публиката ќе има можност да одгледа уште неколку претстави.
На 20 ноември со почеток од 20 часот во МНТ ќе се одигра претставата „Мојот маж“ на Југословенско драмско позориште од Белград, во режија на Јована Томиќ, базирана на расказите на Румена Бужаровска. „Томиќ гради многу јасна, концизна и до крај чиста претстава. Во оваа режија има елементи на Бергман и на Вуди Ален во исто време. Во претставата публиката е гостин, а двете жени се домаќинки. Во секоја смисла. И како домаќинки какo што се означени жените во некоја дехуманизирана првична асоцијација, но и домаќинки на настан што има за цел да ги отвори нивните проблеми. Повремено пиранделовски се наметнуваат тие рамки меѓу кои актерките оживуваат типови на ‘жени, мајки, кралици’ во најизлитениот облик на оваа исклучително деструктивна фраза, но во исто време ја гради таа кула од страсти, констернации и инсинуации во сложеното пулсирање на односот маж–жена“, посочуваат од МОТ.
Подоцна, од 22 часот, во салата 25 Маj во МКЦ ќе се изведе „Кабли“ во режија на Франц фон Стролхен, а на „Theater am Lend“ од Грац, Австрија. Новиот перформанс на Франц Стролхен – „Кабли“ започнува како спектакуларен концерт на Џејмс Кејблс, а завршува со филозофски рефлексии на кабли, адаптери и врски.
На 21 ноември, пак, во 20 часот ќе има уште една изведба на расказите на Румена Бужаровска, овој пат – „Мојот маж“ како претстава на Драмскиот театар во режија на Нела Витошевиќ која ќе се одигра на сцената на овој театар.
Истата вечер, од 22 часот, во МНТ, пак, ќе настапи Ѓорѓи Јолевски со „Последната лента на Крап“, на малата сцена на овој театар. Претставата зборува за самонаметнатата, доброволна изолација во време на сеопшта изолација, а актерот Јолевски (кој е и режисер) ни ги толкува поттекстите низ кои ова драмско дело, напишано пред повеќе од 60 години, зборува за нашата реалност, за она што се случува сега и овде, или уште поточно: сега и насекаде во светот…
Comments