top of page

ВИДЕО: Џиновски подвиг на БиХ, преку Велс до меч со Италија за Мундијал!

26.03.2026 Mart Cetvrtok

Фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина обезбеди пласман во финалето на баражот за Светското првенство 2026 година, откако по драматична пресметка ја елиминираше селекцијата на Велс по изведување пенали. По 120 минути игра резултатот беше 1-1, а „змејовите“ покажаа карактер кога беше најпотребно. Во финалето Босна и Херцеговина ќе се соочи со Италија, која со сигурни 2-0 ја совлада Северна Ирска.

Првото полувреме помина без многу возбудувања, со мала иницијатива на домашната селекција. Најсериозната шанса ја имаше Хари Вилсон, кој ја погоди стативата, додека на спротивната страна Ермедин Демировиќ се обиде, но без поголема опасност по голот на Карл Дарлоу. Во второто полувреме следуваше шок за гостите, Даниел Џејмс искористи грешка на средината од теренот и со одличен удар донесе водство за Велс.

Како што одминуваше времето, притисокот на Босна и Херцеговина се зголемуваше. Шансите се редеа, но реализацијата изостануваше, па изгледаше дека Велс ќе успее да ја сочува предноста. Сепак, во 86. минута следеше експлозија на радост, капитенот Един Џеко со удар со глава по корнерот на Алajбеговиќ израмни на 1-1 и го однесе натпреварот во продолженија.

Во дополнителните триесет минути се водеше жестока борба, а Босна и Херцеговина се соочи и со проблеми со повреди. Дедиќ мораше да го напушти теренот, додека Бајрактаревиќ остана во игра и покрај болките. Најдобри прилики имаа Демировиќ и Бајрактаревиќ, но без промена на резултатот, додека Мухаремовиќ спречи сигурен гол по обидот на Вилсон. Одлуката падна по изведувањето пенали, каде што „балканските змејови“ беа посмирени и поконцентрирани. Сигурни реализатори беа Табаковиќ, Башиќ, Хаџиахметовиќ и Алajбеговиќ, додека Демировиќ не успеа да погоди од белата точка.



 
 
 

Comments


bottom of page