top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

(Видео) „Човекот по име Ото“ пристига во киносалите

Филмот „Човекот по име Ото“ со Том Хенкс во главната улога, еден од најомилените актери на денешницата и двократен оскаровец, конечно, доаѓа во домашните кина. Ото Андерсон, кого го глуми Хенкс, е 60-годишник кој планира да стави крај на својот живот по смртта на сопругата и присилното пензионирање, но, наместо тоа, се спријателува со своите весели соседи и почнува да го гледа животот низ позитивна призма. Овој римејк од шведскиот филм „Човекот по име Уве“ ќе ве расплаче и насмее истовремено. Иако неодамна почна со светска кинодистрибуција, оваа хумористична драма во режија на Марк Форстер (Monster’s Ball, Finding Neverland, Quantum of Solace, World War Z) веќе заработи речиси 75 милиони долари на благајните. Новата комедија драма е адаптација на извонредната книга на Фредрик Бекмен, „Човекот Ове“, бестселер на „Њујорк тајмс“. Филмската адаптација со години е голема желба на главната ѕвезда Том Хенкс. Нашироко признатиот шведски оригинал од 2015 година ја постави скалата високо бидејќи, меѓу другото, беше номиниран за „Оскар“ во категоријата за најдобар странски филм. Предизвикот беше прифатен и имајќи ја предвид реакцијата на публиката, филмот целосно ги исполни очекувањата. Според „Ротен томатос“, специјализирана веб-страница позната како агрегат на рецензии, A Man Called Otto држи импресивни 97 % според гледаноста на публиката, а и критичарите одлично ја примија оваа американска верзија на прославениот оригинал. Интересно е да се истакне дека младата верзија на Ото ја глуми синот на Хенкс, Труман, а песната од филмот со наслов Till You’re Home ја отпеа сопругата на Том, Рита Вилсон.




1 view

Comments


bottom of page