(Видео) Селин Дион боледува од ретка невролошка болест
Познатата пејачка Селин Дион објави дека боледува од ретка невролошка болест – Синдром на вкочанета личност. Таа веќе некое време страда од мускулни контракции, поради што ѝ е отежнато безбедното стоење или движење. Поради ова пејачката откажа бројни турнеи и сега реши да им се обрати на своите фанови ширум светот. Селин објави видео на својот профил на Инстаграм и откри дека боледува од ретка невролошка болест која погодува еден човек од милион луѓе во светот. „Поздрав на сите. Извинете што ми требаше толку долго да се вратам кај вас. Многу ми недостигате сите и едвај чекам да разговарам со вас на сцената. Не бев подготвена да кажам што било претходно, но сега сум подготвена. Имам здравствени проблеми долго време и ми беше многу тешко да се соочам со предизвиците и да зборувам за сето она низ кое поминував“, започна пејачката и додаде: „Неодамна ми беше дијагностицирана ретка невролошка болест наречена „Синдром на вкочанета личност“, која погодува еден човек од милион луѓе. Иако сè уште учиме за оваа ретка болест, сега знаеме што ги предизвикува грчевите што ги имав“ рече таа. Селин Дион истакна дека откажала осум концерти закажани за летото 2023 година. Оваа болест се карактеризира со вкочанетост на мускулите во телото и зголемена чувствителност на бучава, допир и емоционален стрес. Тоа предизвикува грчеви во мускулите, како што објасни ПР тимот на пејачката во соопштението. Селин во последно време страда од мускулни контракции, поради што не може нормално и безбедно да се движи низ сцената. Бидејќи е во рацете на експерти, веруваме дека наскоро ќе се опорави и ќе се врати на она што најмногу го сака – концертите, беше речено. Најтешката форма на болеста резултира со целосна блокада на движењето и ги оневозможува моторните вештини и говорот. Не постои лек, но има третмани кои можат да ја забават прогресијата на болеста.
Comments