(Видео) „Ролинг стоунс“ ја заврши турнејата со концерт во Берлин, настапот го посветија на Чарли Вот
(Видео) „Ролинг стоунс“ ја заврши турнејата со концерт во Берлин, настапот го посветија на Чарли Вотс „Ролинг стоунс“ во средата ја заврши својата 60-та турнеја со концерт во Берлин, каде што му оддадоа почит на покојниот тапанар на бендот, Чарли Вотс, кој почина пред една година на 80-годишна возраст. Легендарните британски рокери на 1 јуни ја почнаа европската турнеја во Мадрид по повод одбележувањето шест децении постоење. Наречена Sixty, турнејата опфати 14 концерти во Европа и ја следеше турнејата No Filter, што „Стоунси“ ја почнаа во 2017 година, но мораа да ја одложат поради пандемијата, и ја завршија и покрај смртта на Вотс минатиот август. „Овој концерт е 118-то појавување на нашиот бенд во Германија“, изјави фронтменот Мик Џегер (79) пред публиката во амфитеатарот на отворено во Валдбуне западно од Берлин. „Стоунси“ своето последно европско шоу му го посветија на Вотс, а Џегер на публиката од приближно 22.000 луѓе ѝ рече дека испиле неколку чаши „шнапс“ во чест на Вотс вечерта пред концертот. Свиреа повеќе од два часа непрекинато изведувајќи познати хитови, но и понови, честопати вклучувајќи ја публиката во изведбата, мѓу нив и Midnight Rambler, кој траеше 10 минути. Ги изведоа и класиците Start Me Up, Paint it Black, Jumpin’ Jack Flash и I Can’t Get No Satisfaction, кои ја запалија публиката.
Comments