top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Видео проекција на дела од Игор Грубиќ во Музејот на современа уметност

Updated: Jun 24, 2021

23.06.2021 Juni Sreda

Видео проекција и дискусија со хрватскиот визуелен уметник Игор Грубиќ во разговор со кураторката Јованка Попова ќе се одржи вечерва во Музејот на современа уметност во Скопје во рамки на програмата „Видео уметници од Македонија и регионот“.

Избраните видео дела – Angels with dirty faces, 2004-2006; East Side Story, 2006-2008; Capitalism follows Socialism, 2008-2012; Monument, 2015 и How steel was tempered, 2018 што ќе бидат претставени и дискутирани се осврнуваат на главните преокупации во уметничката пракса на Грубиќ, односно на значајни историски настани, маргинализираните групи и невидливите херои. Видео делата на Грубиќ се карактеризираат со афективен и емпатичен пристап, кој е длабоко хуман и честопати поетски.

Игор Грубиќ, (1969, Загреб) е еден од најистакнатите и меѓународно признати хрватски уметници. Неговата уметничка пракса вклучува специфични интервенции во јавниот простор, фотографија и видео. Од 2000 година, тој исто така работи и како продуцент и автор на документарни филмови, ТВ прилози и социјално ангажирани реклами. На 58-то Биенале во Венеција во 2019 година, тој ја претставуваше Хрватска со проектот „Траги на исчезнување (во три чина)“ и краткиот, експериментално документарен / анимиран филм „Како се калеше челикот“, со кој освоил повеќе награди, вклучувајќи ги и: специјалната награда на меѓународниот фестивал за анимација Анилог и Анимафест; како и награда за најдобар професионален филм на „АСИФА-Хрватска“ (2018). Интервенциите на Грубиќ во јавниот простор, како и видео-делата, ги истражуваат политичките ситуации од минатото и сегашноста, притоа пробивајќи го ткивото на реалноста. Критичката, социо-политички посветена практика на Грубиќ се карактеризира со долгорочен ангажман и посветеност на темите што тој ги обработува. Од длабинско истражување на судбината на историските споменици и падот на индустријата до испитување на проблемите на малцинските заедници. Грубиќ учествувал на бројни меѓународни изложби. Неговите дела се дел од колекциите на: Тејт Модерн, Музеј на современа уметност во Белград и Загреб, Музеј Штуки, колекциите Кадист и Контакт, Октомврискиот салон во Бeлград.

Програмата „Видео уметници од Македонија и регионот“ се реализира со финансиска поддршка на Швајцарската амбасада и Министерство за култура.


4 views

Comments


bottom of page