(Видео) Последен настап на Елтон Џон во Британија, дел од прошталната светска турнеја
Сонцето заоѓа за една од најголемите кариери во британската музичка историја, коментираат медиумите во Велика Британија, откако Елтон Џон настапи во Гластонбери, последна станица во Британија од прошталната светска турнеја. 76-годишната легенда ги почести своите фанови со мајсторија во пеење и сценска умешност, со листа на песни што никогаш не престанаа да даваат класични поп-моменти, пишува Марк Севиџ од Би-би-си во својата колумна. Bennie And The Jets, Tiny Dancer, Your Song, I’m Still Standing – два часа секоја песна беше најголем хит. „Многу сум среќен што сум тука,“, ѝ рече тој на публиката. „Ова никогаш нема да го заборавам“. Елтон излета на сцената непосредно по 21 часот со Pinball Wizard – како што вети, песна што ја немал свирено повеќе од една деценија – по што следуваше The Bitch Is Back. Потоа застана за да здивне пред огромната публика, која според процените надмина 120.000 луѓе. Ги испружи рацете во знак на благодарност и извика: „Никогаш не мислев дека ќе свирам на ‘Гластонбери’ – и еве ме“. „Ова е многу посебна и емотивна ноќ за мене бидејќи можеби е мојот последен настап во Англија, во Велика Британија“. „Подобро да свирам добро и подобро да ве забавувам затоа што стоите таму толку долго“, додаде тој. Многумина од публиката дојдоа облечени во реплики на познатите парчиња од мјузиклот за Елтон Џон, „Рокетмен“. Концертот се одржа пред крајот на неговата турнеја Farewell Yellow Brick Road – сега официјално турнеја со најголема заработка на сите времиња, со приходи од благајните од 887 милиони долари (697 милиони фунти). По Гластонбери, остануваат само неколку настапи, а финалниот концерт ќе биде во Стокхолм на 8 јули.
Comments