(Видео) Остин Батлер блеска во биографскиот филм за Елвис Присли
Австралискиот режисер Баз Лурман се враќа со опоен поглед на Елвис Присли. Кој подобро од еден од најголемите шоумени на кинематографијата да ни донесе биографски филм за кралот на рокенролот? Неговиот театарски бренд на филмски остварувања, со целиот негов луд хедонизам, во филмовите како „Мулен Руж!“ и „Големиот Гетсби“, му прилега на Елвис како ракавица со кристали, пишуваат филмските критичари во своите рецензии. Премиерно прикажан надвор од конкуренцијата на Канскиот филмски фестивал, „Елвис“ е диво возење од 159 минути, кое ги носи гледачите од раните години на пејачот во Мемфис, Тенеси, до неговата смрт во 1977 година, на 42-годишна возраст. Во филмот, кој никогаш не престанува да вибрира, како раѓањето на рокенролот да се случува токму пред вас. Според повеќето филмски критичари, „Елвис“ е брилијантно отелотворен од Остин Батлер, младиот Американец што се појави во „Беше еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино. Овде, неверојатно, тој ги доловува сценското присуство на Елвис, ритамот на неговиот глас и неговата сè поголема осаменост. Приказната ја раскажува менаџерот на Елвис, полковникот Том Паркер (Том Хенкс), сомнителен лик, кој првпат го гледа својот млад штитеник на сцената со „мрсна коса и шминка за девојки“. Тој го обликува Присли во ѕвезда. Користејќи ги неговите песни (сè од Hound Dog до In the Ghetto) за да ја раскаже приказната не само за него туку и за турбулентната Америка, која минува низ радикални промени во тоа време, „Елвис“ му оддава искрена почит на еден од најголемите забавувачи во светот.
Comments