Видео„Не сме ние да живееме во оваа држава и овој век“ ѝ рекла Сара последните денови на деканката и нејзина пријателка комеморација за Сара Пројковска во Скопје Македонија
- Aleksandar Santovski
- 6 days ago
- 4 min read
26.03.2025 Mart Sreda
Со едно минутно молчење на почеток и долготраен аплауз на крајот, како и настап на студентскиот оркестар и пијанистот Дино Имери беше одржана комеморација во чест на професорката Сара Пројкоска, која трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани.
Настанот беше исполнет со тишина, емоции и спомени за една личност која, како што велат нејзините колеги и пријатели, знаеше да го осветли секој простор со своето присуство.
Во чест на Сара, актерката Биба Додева прочита поема од поетесата Ана Бунтевска, напишана специјално за неа. Во трогателниот текст, се опишува Сара како личност која и покрај тагата во очите, секогаш беше насмеана, силна и искрено љубеше – животот, семејството, пријателите.
„Да те расположи кога не си добро, музика која кога ќе бидеш тажен да тагува заедно со тебе како што ние сега тагуваме по нејзе. Ова е песна напишана од нашата драга Ана за Сара која што имаше огромен интегритет, си го почитуваше семејството, традицијата, знаеше од каде доаѓа. Ги обожуваше, се гордееше со своите деца и знаеше искрено да сака од срце, како што го сакаше Златко и сите нас“, рече Додева и почна да ја чита поемата:
„Насмеана си душо моја и во толпата одлично се снаоѓаш, весело разговараш на сите теми вртејќи ги зборовите вешто како жонглер кому топчињата никогаш од раце не му паднале освен, освен можеби делови од животот кои што го составуваш по неколку пати во денот и секој пат кога ќе го натокмиш излегува дека имаш вишок делови, знаеш како секој поправен апарат, и се прашуваш дали еден ден ќе успееш да се составиш од едно големо ништо. Еве си душо моја, насмеана во усните и тага во очите, со тој црвен кармин чија нијанса одлично ти стои, го топиш во црно вино за да може срцето да ти се обои и со кралско движење на раката косата ја местиш небаре даваш некому благослов и пееш ах пееш како никогаш до сега, ѕвониш и гласот ти е мирен како мајчина рака ама душата, ете таа ти знае, таа ти трепери како по жица да одиш, а удоле амбис кој право во очи ти гледа, и колку погласно пееш – толку подлабоко нуркаш, и само едно лесно движење те дели од она долу па заќутуваш и трепнуваш неколку пати. Отпочнуваш неважен муабет без никакво значење, ја земаш ташната која наликува на куфер, и во која освен шминките и паричникот, си ги чуваш и спомените за сопствениот мир. И еве си, чебркаш по несесерот со навезени пилиња, несвесно со прстот ги галиш како да ќе оживеат, ги мамиш да ги отворат клуновите ете барем тие да го кажат она што го има премолчено твоето пиле, она што ти седи замолкнато во градите, во срцето. И еве си повторно насмеана со чашата наздравуваш, проклетство ќе пиеме за животот а за нас по смртта ќе пијат, и знаеш дека силна си и ова ќе го истуркаш, дека плеќите ќе го искрпат и овој товар, и дека што и да е, добро ќе е. Ма по ѓаволите се да оди, добро ќе си и ќе пееш повторно, но овој пат навезените пилиња во ташната ќе ти спијат, и ќе пееш заедно со она што во срцето од раѓање го носиш, со отворени дланки и душа распослана ќе седиш, спокојна во силата која во секое ковче ја носиш. Сара, душо моја!“
Деканката на Факултетот за музичка уметност, Проф. м-р Дарија Андовска на комеморацијата се најави како повеќедецениска другарка на Сара.
„Во еден од последните разговори со Сара таа ми кажа дека не сме создадени ние да живееме во оваа држава и во овој век, ова зборуваше за нас двете, но во суштина таа со нејзината чистина навистина не беше створена да живее во овој тежок свет. Таа беше оделотворување на радост и љубов, полна со живот и полна со добрина. И покрај тешкиот крст кој што и беше даден за овој живот, таа никогаш не потклекна. Ја осветлуваше секоја просторија со своето присуство, а со нејзината смеа знаеше буквално и мртви да крене, и покрај сите маки кои ги тегнеше му се радуваше на секој ден, нејзината радост беше заразна, беше полна со поддршка за сечиј проблем, со добар збор за секого, со милост и љубов со секое живо битие, страдаше со туѓите страданија, како за свои и се радуваше за туѓите успеси, како за свои. Се бореше како лавица, невидена добрица и другар, а притоа фраерка и шизика каква што јас само сонував да бидам кога ја запознав во средно школо. Ангел на небото беше нашата Сара, значи она не била за овој век зашто севишниот си ги прибира ангелите порано да бидат поблиску до него“, вели Андовска.
Пијанистот Дино Имери кажа дека Пројковска, која беше позната по својата „заразна“ насмевка и специфичен хумор, на шега велела дека е вљубена во Бетовен и дека му била сопруга во поранешниот живот. Во нејзина чест, тој отсвире дело од Бетовен.
„Имав чест задоволство последните 15 години да другарувам и соработувам со Сара, сите оние кои имаа задоволство да ја сретнат, да ја запознаат нема да ја заборават нејзината насмевка, нејзиното смеење кое што беше толку заразно што не можеше кај соговорникот да не измами таква насмевка. Оние што подобро ја познаваа знаеа дека тоа смеење доаѓа од душа а беше вистинско и автентично, тоа смеење таа ни го подаруваше секој ден, секоја недела, незаборавни моменти кои таа на сите нас ни ги пружи, особено во ова едно мало друштво кое ни беше една оаза, една заштита, утеха од јавниот свет и се она што значи страдање, а таа имаше огромна емпатија и многу добро знаеше што е тоа страдање и како да се надмине и со својата светлина не ослободуваше барем за миг, барем додека сме заедно од сите наши грижи небаре само музиката е центар на нашето битисување и само таа може да ни ја испее онаа песна која на сите ни е внатре, и ја чувствуваме“, вели Имери.
Комеморацијата заврши со топли аплаузи – знак на вечна благодарност за сè што Сара Пројковска беше и остави зад себе.






Comments