ВИДЕО | Игор Џамбазов и Игор Атанасовски – Харе: Направивме музичка „капсула“, која ќе остане и нека
ВИДЕО | Игор Џамбазов и Игор Атанасовски – Харе: Направивме музичка „капсула“, која ќе остане и некаде, некој ќе ја чуеИгор Џамбазов и Игор Атанасовски – Харе се дуо кое не само приватно туку и професионално воспоставува критеруми за музички и поетски квалитетен производ кој веќе 30 години живее и расте кај нас. „Слободен печат“ секогаш стои зад ваквите градски, урбани ликови кои целиот свој живот го посветиле на градење и ширење на квалитетен музички звук и култура. Токму затоа го препознавме и поддржавме нивниот нов проект, албумот „Првите триесет“, на кој ќе се најде дел од музиката која Игор и Харе ја созадавале изминатите три децении, а кој својата промоција ќе ја има утре во 20 чaсот во скопскиот локал „Биргарден“ во Скопје.
По тој повод зборувавме за албумот, нивната соработка, луѓето кои им помогнале, публиката која ги следи и блузот како начин на живот и убедување.
– Овој албум се случи навистина спонтано. Минатата година свиревме на „Пивофест“, а мене ми беше роденден истата вечер, си честитавме со Харе за успешната свирка, се гушнавме, он ми рече да правиме албум и толку. Му се јавивме на Мите Димовски и за помалку од година го направивме албумот. Ние после овој албум го сметаме Мите како член на бендот, не само заради тоа што беше музички продуцент на албумот, туку тој толку многу се заложи за него, како да се негови песните, тоа е денес многу ретко – вели Џамбазов за „Слободен печат“. – Јас, Игор и Мите заедно одлучувавме за изборот на песните на албумот. Не беше лесно, имавме околу 50 песни на хартија на почетокот и од тие 50, полека, полека селектиравме. Сакавме слушателот да има целосна приказна кога ќе го пушти цедето, наредено е како една приказна за сѐ она што сме го сработиле – се надоврза Харе.
За изборот на песните, тие велат, дека многу внимателно го правеле со цел да одберат песни, кои на некој начин ќе го отсликаат целиот период во кој создавале музика, пред сѐ, за своја душа и уживање, од самиот почеток, па сѐ до денес.
– Цедето е шарено, сакавме да се види и чуе дека ние не сме биле само блузери, зошто блузер не е професија, тоа е убедување. Има од сѐ по нешто, има и песни кои Харе си ги правел самостојно за негови проекти, некои мои песни кога јас кокетирав со џезот, како „Жаклина“ или „Love is so good“. Има два-три блуза, неколку преработки и она што е најголемата придобивка за мене од овој албум е тоа што некои многу стари песни кои не беа студиски обработени, ги пресвиревме после 15-20 години. „Да си жив и здрав“, „Диши длабоко“, „Право дома“, се снимани од ново, со сосема друга енергија – вели Игор. – Кога правевме селекција, сакавме да ставиме песни кои публиката веќе со години ги пее со нас, меѓутоа, по некакво чудо, не постоеше студиска снимка од тие песни. Ние сме ги правеле песните, директно сме ги свиреле на концерт и никогаш не сме стигнале студиски да ги снимиме. Сите 17 песни на албумот досега немале студиска снимка, освен оние што веќе сме ги издале како синглови и не се нашле ниту на мој, ниту на албум на Игор – дополнува Харе.
Низ годините соработувале со многу наши истакнати музичари, кои дале придонес за градење на блуз култрата во Македонија.
– Правевме список со Харе со колку луѓе сме соработувале овие 30 години и не можевме да ги доброиме луѓето што барем на една песна свиреле со нас. Стигнавме до 30 луѓе на кои моравме да им доделиме пофалници за особен придонес кон македонскиот блуз. Тврдам дека направивме музичка „капсула“, што вели Харе, која ќе остане и некаде, некој ќе ја чуе и ќе рече: „Види ги овие момци пред 200 години што правеле“ – вели Игор.
Повеќе од разговорот со Игор и Харе можете да погледнете на следниот линк:
Преземен тесктот и видеото од slobodenpecat.mk
Comments