(Видео) „Дневник за Џордан“ – животни лекции на татко за својот син пренесени на филмското платно
Оскаровецот Дензел Вашингтон се враќа на режисерското столче за драмата A Journal for Jordan („Дневник за Џордан“), приказна за љубов и животни лекции базирана на мемоарите на добитничката на Пулицеровата награда, Дејна Каниди. Со Мајкл Б. Џордан и Шанте Адамс во главните улоги, филмот говори за тоа како, откако свршеникот на новинарката бил убиен во војната во Ирак, дневникот што го пишувал за нивниот син таа го преточила во есеј, а подоцна и во книга. Драмата се фокусира на врската помеѓу наредникот Чарлс Монро Кинг и новинарката Дејна Каниди, чиј мемоар „Дневникот за Џордан: Приказна за љубов и чест“ – добитник на Пулицеровата награда за 2008 година – обезбедува материјал за филмот. Мемоарот е, всушност, дневник од 200 страници напишан од нејзиниот свршеник, наредникот Кинг, за нивниот син. Кинг бил убиен во Багдат еден месец пред завршувањето на неговата должност во Ирак. Тој заминал на Блискиот Исток пред да се роди Џордан. Водел дневник за својот ангажман во Ирачката војна (2006) – со пораки за синот Џордан, кој имал седум месеци кога починал татко му. Филмот ги прикажува советите што Кинг му ги напишал на тогашното бебе Џордан и љубовната приказна на парот. „Го прочитав сценариото и си реков: Има нешто овде, јас ќе го режирам ова“, изјави Вашингтон во едно интервју за „Ројтерс“. „Сакам луѓето да ја сфатат пораката на овој филм дека… преку љубовта сè е можно“. „Дневник за Џордан“ доаѓа во кината во САД на 25 декември.
Comments