(Видео) Двајца „битлси“ ѝ се придружија на Доли Партон за нова верзија на Let It Be
Пол Макартни и Ринго Стар, двајцата живи членови на легендарниот бенд „Битлси“, повторно се обединија за преработка на нивниот класик од 1970 година, Let It Be, која ќе се најде во претстојниот рок-албум на Доли Партон. Кантри-ѕвездата изминатиот викенд ја објави новата верзија на Let It Be, дел од албумот „Рокстар“, кој треба да излезе во ноември. На снимката Макартни пее и свири пијано, а Стар удира на тапани. На соработката се приклучија и двајца други музичари: Питер Фремптон (гитара) и Мик Флитвуд од бендот „Флитвуд Мек“ (ударалки). „Мислам, сериозно, може ли подобро од ова?“, напиша таа на социјалната мрежа X, поранешен „Твитер“. Албумот „Рокстар“ е инспириран од приемот на Партон во Куќата на славните во рокенролот минатата година. Има девет оригинални песни и 21 преработка со ѕвезди соработници, вклучувајќи ги Елтон Џон, Мајли Сајрус, Стиви Никс, Деби Хари, Џоан Џет и Крис Стејплтон.
Comments