top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

ВИДЕО | „Битлси“ го затворија кругот: Слушнете ја нивната последна песна „Now And Then“

Updated: Nov 6, 2023

Легендарната група „Битлси“ ја објави својата последна песна, „Now And Then“. Ова музичко парче се подготвуваше цели 45 години – од првите тактови кои ги напишал Џон Ленон во 1978 година, до финалниот продукт кој денеска беше претставен на популарните стриминг сервиси, пишува „Би-би-си“.

На снимката можеме да ги слушнеме сите членови на групата, Џон Ленон, Пол Макартни, Џорџ Харисон и Ринго Стар.

Како заокружување на капиталното дело на „Битлси“, овој последен сингл ќе се најде на двострана плоча, чија А страна ќе ја содржи нивната дебитантска песна од 1962 година – „Love Me Do“.

Овој сингл ќе го одбележи последното поглавје на една од најголемите музички групи во историјата на рок музиката.

Во Велика Британија, песната беше премиерно емитувана на „Би-би-си радио 2“. Истовремено, песната веќе е достапна на платформите Спотифај, Епл мјузик и Амазон прајм мјузик.

Цедето, плочата и касетата со оваа песна ќе бидат пуштени во продажба од утре, 3 ноември.

Како звучи?

Пол Макартни, Џорџ Харисон и Ринго Стар веќе имаа обид да го средат легендарното демо на оваа песна, кое им го остави Џон Ленон како наследство, во 1995 година. Тројцата музичари тогаш работеа на проектот „The Beatles Anthology“, но песната „Now And Then“ остана недовршена, делумно поради невозможните технолошки предизвици и неможноста да се искористи вокалот на Ленон. Тој ја снимил песната на касета во седумдесеттите години, со придружба на пијано. Со години се мислеше дека песната никогаш нема да биде завршена.

Но, во 2022 година, се случи изненадувачки пресврт. Софтверскиот систем развиен од Питер Џексон и неговиот тим, користен за време на продукцијата на документарната серија „Get Back“, конечно го отвори патот за одвојување на вокалот на Џон од клавирскиот дел. Благодарение на ова, оригиналната снимка можеше да биде „оживеана“ и преработена со придонеси од сите членови на групата.

Пол Макартни и Ринго Стар го завршија снимањето на песната минатата година, а Џорџ Харисон се појавува со неколку гитарски делови, што ги снимил во 1995 година.

Оние кои ја слушнале песната, пред нејзиното официјално објавување, велат дека таа е потресен и трогателен одраз на пријателството на членовите на групата.

„Да ги слушнеш Џон и Пол како го пеат првиот рефрен заедно, во најмала рака е многу моќно“, рече Роб Шефилд, колумнист за списанието „Ролинг стоун“.

Фото: The Hollywood Archive / Hollywood Archive / Profimedia

Кога е напишана песната?

Приказната започнува во 1978 година, кога Ленон снимил демо верзија со придружба на пијано во неговиот дом во Њујорк, САД.

По неговата смрт, неговата вдовица Јоко Оно им ја дала снимката на преостанатите „Битлси“ на касета, која исто така содржела демо снимки за „Free as a Bird“ и „Real Love“.

Тие две песни беа завршени и издадени како синглови во 1995 и 1996 година, соодветно, како прв „нов“ материјал на групата, 25 години по разделбата.

Тие се обиделе да ја снимат и „Now And Then“, но на крајот заклучиле дека квалитетот на снимката е премногу слаб за да може да се спаси. Харисон наводно го нарекол демото „ѓубре“, но Макартни никогаш не се откажал од идејата.

„Битлси“ / Фото: The Hollywood Archive / Avalon / Profimedia

Дали е искористена вештачка интелигенција?

Донекаде, да. За време на снимањето на документарниот филм „The Beatles: Get Back“, филмската компанија на режисерот Питер Џексон разви софтвер кој им овозможи да ги „демиксираат“ звуците кои се преклопуваат.

Технологијата беше искористена минатата година за да се создаде нов микс за студискиот албум на „Битлси“, „Revolver“.

За „Now And Then“, софтверот успеа да го „извлече“ гласот на Ленон од оригиналната снимка на касета, отстранувајќи го шишкањето во заднина и зуењето на електрична енергија, што ги попречуваше претходните обиди да се заврши песната.

Како што изјави Макартни во краткиот документарен филм „Now And Then“, гласот на Ленон е „кристално чист“.






9 views

Comments


bottom of page