ВИДЕО – Андреа се извини поради инцидентот со македонското знаме додека се фотографираше за Евровизи
Преземено од весникот https://www.novamakedonija.com.mk
Спорните случаи поврзани со националните знамиња во кои беа опфатени последните двајца македонски претставници на „Евровизија“, Васил Гарванлиев и Андреа Коевска, на извесен начин потсетуваат на познатиот филм „Денот на мрмотот“ од 1993 година, во кој метеорологот Фил Конорс (го глуми Бил Мареј) го доживува истиот ден одново и одново, бескрајно повторувајќи го 2 февруари. Неговиот свет секој ден е исполнет со истите луѓе, но тие не знаат дека денот на мрмотот се повторува постојано.
Се чини дека Македонија моментно е втурната во своевидна евровизиска верзија на таквата приказна. И Гарванлиев и Коевска беа цел на осуда поради инциденти поврзани со национални знамиња, се соочија со силно незадоволство по што нивното учество на „Евровизија беше доведено во прашање, а се обратија и кон јавноста во обид да дадат обаснување за случувањата…
Непромислениот гест на македонската евровизиска претставничка која за време на фотографирањето во Торино го фрли на земја државното знаме наиде на остра реакција на јавноста. Набргу потоа Македонската Радио Телевизија (МРТ) соопшти дека ја разгледува можноста за повлекување на младата пејачка од Евровизија, по што Андреа упати јавно извинување.
Минатата година, пак, се крена голема прашина откако некои го препознаа бугарското знаме во боите на уметничка слика што беше прикажана во евровизискиот спот на песната „Here I stand“ на Гарванлиев. Спорните кадри беа исфрлени од спотот, односно тој беше преработен и повлечен по незадоволството во македонската јавност, а Македонската Радио Телевизија (МРТ) оформи комисија која одлучуваше за настапот на Гарванлиев на Евровизија. И самиот Гарванлиев јавно изрази жалење за случајот, а беше принуден да го правда и поседувањето на двојно државјанство, поради кое исто така се најде на удар на социјалните мрежи.
Ниту остранувањето на спорните кадри од спотот за песната „Here I Stand“ тогаш не ги стивна реакциите кои прераснаа во јавен линч и говор на омраза, а низ таква ситуација сега поминува и Андреа, кон која се упатени бројни навреди и негативни коментари, и покрај јавното извинување.
Петицијата со која се бараше Гарванлиев да не ја претставува Македонија на „Евровизија“ ја потпишаа над 16.000 луѓе, наспроти петицијата за негова поддршка, која исто така имаше значителен број потписници. Во јавните дебати „за“ и „против“ учеството на Гарванлиев на „Евровизија“ во Ротердам, Холандија, се вклучија повеќемина јавни личности, но и политичари, слично како и сега.
Комисијата за утврдување одговорност во МРТ минатата година одлучи Гарванлиев да ја претставува Македонија на Евровизија, додека учеството на Коевска на континенталното музичко натпреварување моментно е во неизвесност. Предвидено е Андреа да ја претставува Македонија со песната „Circles“ на втората полуфинална вечер од „Евровизија“, в четврток во Торино. М.Ж.
Преземено од весникот https://www.novamakedonija.com.mk
Comments