Вечери на класичен и современ танц
Во периодот од 20 до 24 јуни за првпат се одржува танцовиот мини-фестивал
„Криденс: Вечери на класичен и современ танц“, во организација на Факултетот за музичка уметност од Скопје. Идејата за негова реализација беше пред сѐ создавање простор за презентација на дострелите на танцовата уметност на студентите на ФМУ од катедрата за балетска педагогија и алумните на факултетот. Освен тоа, концептот ги соединува идните студенти и професионалниот танцов кадар.
Конципиран е во два изведувачки блока, односно во две концертни вечери. Првата вечер се одржа на малата сцена на НОБ. Беше презентиран современиот танц од студентите на ФМУ, со учество на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Ексклузивни гости на оваа вечер беа Бојан Мицев, поранешен студент на ФМУ, и неговата партнерка Амбре Твардовски, со која се дел од танцовата компанија „Оснабрук“ во Германија. Вториот сегмент односно втората вечер е со доминантно класична балетска програма. Ќе се одржи на 24 јуни, на големата сцена на НОБ, со почеток во 20 часот, каде што освен студентите ќе настапат истакнатите солисти од НОБ Христина Наќевска и Балаж Лочеи и ученици од средното балетско училиште.
Круна на целиот фестивал е настапот на нашиот реномиран балетски играч Марко Мицов и неговата партнерка Маризе Фумеро од компанијата „Милвоки балет“ од САД. Двете вечери ќе се одржат на малата односно големата сцена на НОБ. На фестивалот ќе бидат доделени награди за млади надежи и трајни вредности во танцовата уметност на Македонија. Мини-фестивалот е поддржан од Министерството за култура, а влезот е слободен.
Kommentarer