Вечерва, со премиерата на претставата „Фирма“, се отвора фестивалот РУТА
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска вечерва во Драмски театар Скопје го отвора регионалниот театарски фетивал РУТА. Драмски со премиера на претставата „Фирма“ во режија на Нела Витошевиќ на текст на авторот Роланд Шимелфенинг ја започнува реализацијата на годинашнава програма. Режисерката Нела Витошевиќ ликовите од овој современ и актуелен текст им ги додели на актерската екипа: Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вујисиќ. Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Розе Трајчевска – Ристоска, а изборот на музиката на Нела Витошевиќ. Во Скопје веќе започнаа да доаѓаат ансамблите на членките на РУТА Београдско драмско позориште, Улисис од Хрватска, Камерни 55 од Сараево, Местно гледалиште Љубљана, Градско позориште Подгорица како и ансамблите и фестивалите што годинава учествуваат во претставите како копродукции, Народно позориште Ниш, Сараевски ратни театар и фестивалот Барски љетопис. Годинешната програма на РУТА тематски е разнолика, но сите претстави заедно имаат и заеднички именител, а тоа е потребата постојано да се потсетува за определени состојби и случувања кои никогаш не треба да се заборават. Фестивалската недела во Драмски по свеченото отворање на фестивалот продолжува на 04 октомври (среда) со „Декамерон“ – на Градско позориште Подгорица во копродукција со Народно позориште Ниш и фестивалот Барски љетопис. Претставата е во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски. „Нора“ е претставата на Местно гледалишче Љубљана, Р. Словенија што ќе игра на 05. октомври (четврток) 2023 година. Режијата е на македонската режисерка Нела Витошевиќ. На програмата на четвртиот фестивалски ден на 06 октомври (петок) е претставата „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево која обработува текст од Флоријан Зелер, а во режија на Дино Мустафиќ. Београдско драмско позориште пред нашата публика ќе ја изведе претставата „Самрак на боговите“ во сабота на 07 октомври во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ. Со претставата „Отело“ театарот Улисис од Р. Хрватска го затвора фестивалот РУТА во недела на 08 октомври. Режијата и е доверена на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите освен на актерите на Улисис е направена и со членовите на „Сараевски ратни театар“ од Сараево. Драмски театар Скопје ја отвара театарската сезона со шеснаесеттата по ред Рута на која македонската публика ја има ексклузивната можност да проследи претстави направени во копродукција на повеќе театри и режисери од целиот регион. Поради големиот интерес на публиката од Драмски театар Скопје информираат дека се пуштени во продажба поединечните и блок билетите за фестивалот. Сите претстави започнуваат во 20 часот. Билети може да се купуваат на билетарницата на Драмски театар (тел.076/434343).
Comments