top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Вечерва свечено доделување на наградата „Букстар“ и концерт на „Чалгија саунд систем“

02.10.2024 oktomvri sreda

Свечното доделување на наградата „Букстар“ 2024 на Јон Калман Стефансон од Исланд и концертот на „Чалгија саунд систем“ ќе се одржат вечерва со почеток во 20 часот во „Лабораториум“. Повод се двата јубилеја – 10 години „Букстар“ и 25 години „Антолог“. Денот на фестивалот ќе почне со „Книжевно отворање кон Европа – македонско искуство“ – значајната втора конвенција на претставници на издавачкиот сектор во склоп на програмата „Паблишинг Јуроп фелоушип“. Учесници ќе бидат Владимир Мартиновски, Билјана Туџаровска-Ќупева, Живко Грозданоски, Снежана Стојчевска, Тијана Милиќ, како и Надеж Агило (Франција), Џорџија Спадони (Италија), Тино Шленх (Австрија/Германија), Манол Пејков (Бугарија), Бенјамин Лангер (Германија). Настанот ќе се одржи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, каде што одделни средби со студентите ќе имаат Мирженка Чехова и Паола Перети. На истото место во 12:30 ќе бидат соопштени и наградите за најдобар превод „Драги“ 2024, а во „Јуроп хаус“ во 16 часот ќе се одржи панел-дискусија „Читајќи го и преведувајќи го Кафка“ во чест на светското одбележување на стогодишнината од смртта на Франц Кафка. Учесници ќе бидат Зорица Николовска, Венко Андоновски, Соња Стојменска-Елзесер, Бенјамин Лангер (Германија), Јасминка Делова-Силјанова и Бобан Здравковски Андреевски.

Следните настани ќе се одржат во „Лабораториум“. Душко Крстевски ќе го одржи поседниот поткаст „Гол ручек“ за ова издание со Игор Маројевиќ, а Александар Маџаровски ќе го води разговорот со Жозе Луиш Пејшото (Португалија) и Здравка Евтимова (Бугарија).

По доделувањето на наградата „Букстар“ 2024 на исландскиот автор Јон Калман Стефансон за трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“ разговор со него ќе водат Александар Маџаровски и Никола Маџиров.

Вечерта ќе заврши со големиот концерт наречен 10/25 на „Чалгија саунд систем“, кој е отворен за публиката.

Румена Бужаровска: Надвор од земјава сите ме гледаат како да доаѓам од земја во која имало војна

Eтничките, политичките, oпштествените, но и личните борби во делата на неколку балкански автори беа централни теми на таканаречената „Балканска вечер(а)“, која се одржа синоќа во „Лабораториум“ во рамки на фестивалот на европска литература „Букстар“.

Разговорот со авторите Кристијан Новак од Хрватска, Румена Бужаровска од Северна Maкедонија, Фарук Шехиќ од Босна и Херцеговина и Игор Маројевиќ од Србија, го водеше Владимир Јанковски.

Авторите обработуваат теми како што е траумата произлезена од југословенските војни, додека истата се движи и низ современата „војна“ меѓу машките и женските раскажувачки гласови, критички разгледувајќи ја родовата динамика во општеството, истакнувајќи ја тековната борба меѓу традиционалните очекувања и модерните општествени перспективи, како и битките со стереотипите. Делата на овие автор(к)и претставуваат сложен наратив кој ги испреплетува историските начела со современите родови дебати, пружејќи повеќеслоен поглед на одговорот на екс-ју литературата и на одгласите на војната и родот.

фото: „Букстар“

Босанско-херцеговски писател и новинар Фарук Шехиќ бил припадник на петтиот корпус на Армијата на БиХ во периодот 1992 – 1995. Еднаш бил и тешко ранет. Војната ја завршил со чин на поручник и бил одликуван за своите вештини. По војната ѝ се посветил на литературата. Пишува поезија, проза, есеи, ликовни и книжевни критики. Првото издадено дело се „Песни во изработка“ во кои војната се појавува како главен мотив. Проживеаните искуства од војната ги пренел во збирката кратки раскази „Под притисок“. Ова дело, како и „Хит депо“ и „Транссараево“ се здобиле со култен статус кај читателската публика и се издадени во повеќе тиражи.

– Тоа е поетска географија. Како што во еден филм што имаше реплика, кога еден лик го прашува другиот лик: Имаш ли воено искуство? Имам, одговара ликот. Па што можеш да направиш со тоа?

Па така јас почнав со кратки песни, па со раскази. Војната влијае врз нас, и како што човекот старее, така и се менува. Апокалипса е она кога сѐ што било ненормално, одеднаш станува нормално. Како, на пример, кога човек ќе убие човек. Доаѓам од земја во која луѓето се постојано со иста мисла: Ќе има војна или ќе нема? Земја во која луѓето живеат во очекување.

Сакав да пишувам за војната. Како мајстор што ги знае сите делови на автомобилот, така ја знам за војната. И сакав да ѝ ја доловам бојата, мирисот, вкусот. После војната сакавме да се вратиме онаму кајшто сме биле. Таа еуфорија траеше неколку години. Луѓето сакаа да ја надминат трумата, па заминуваа во Канада, Австралија. Сите војни повеќе или помалку се исти. Но во секој град војната е различна. Некогаш се прашуваме: Ако ја немаше војната, како би излгедало губењето? Како би изгледала траумата – изјави Фарук.

Хрватскиот писател, пак, Кристијан Новак, смета дека не треба да се става никаков императив во книжевноста, и дека секој треба да пишува за она што сака да пишува.

– Мене ме интересираат работите на поединецот, Се работи за перцепција, не ме интересираат исклучително добри или исклучително лоши ликови. Ги сакам ликовите што се менуваат, што доживуваат трансформација, кои од кукавица стануваат храбар човек. Ме интересира човекот што прави жртва и се претвора во нешто друго од тоа што дотогаш бил – рече Новак.

Српскиот писател и преведувач Игор Маројевиќ истакна дека читателската публика многу често сака нарации што имаат среќен крај, меѓутоа дека тој не може да пишува за тоа.

– Повеќе сакам да пишувам за негативната поетика. А луѓето сакаат бестселери, се поистоветуваат со нив. Тоа ја го нарекувам терор на позитивизмот. Луѓето сакаат среќен крај, дај позитива. Тематски тоа не ме интересира – рече Маројевиќ.

Маројевиќ обработува теми за загрозени малцинства односно идвидуалци кои се соочени со агресивното општесто. Негови дела се преведи на седумнаесет јазици. Го објавил „Белградското петокнижје“, а автор е и на пентологијата „Етнофикција“ од која засега се издедени четири дела. Неговото дело „Номади“, оригинално напишано на шпански јазик, се изведува во Шпанија во продукција на „Театарскиот институтот Барселона“ и во Белградскиот драмски театар. „Остатоци од светот“ е најнаградуваниот роман во српската книжевност на 21. век.

Јанковски ја начна и темата за творење на дијалект, која многу често ја има кај хрватскиот автор Кристијан Новак.

– Не може да имаш лик од село и тој да говори хиперкоректно, на стандарден јазик. Ликовите треба да говорат природно, како што говорат луѓето во вистинскиот живот. Социолектите што ги вметнувам ги користам за да доловам емоција, а стандардниот јазик го користам за да ја искажам мислата – истакна Новак.

фото: „Букстар“

Македонската писателка Румена Бужаровска, исто така, истакна дека е многу важно да се пишува на дијалект,

– Во Хрватска тој тренд на пишување на дијалект е многу познат. Ја многу се израдував кога прочитав книга од Ненад Јолдевски на струшки дијалект. И посакав и други да пишуваат. Последната книга ми е речиси цела на скопски, зашто тоа е мојот дијалект, ја не би можела да пишувам на друг дијалект. Но многу е важно јазикот да биде автентичен – рече Бужаровска.

Таа истакна дека иако е свесна дека книгата „Мојот маж“ е нејзиниот хит, сепак има други многу подраги книги што ги има напишано, како што е „Не одам никаде“.

Во однос на прашањето како ја доживуваат кога гостува низ светот како писателка од Балканот, Бужаровска вели дека иако сите различно ја гледаат, она што е заеднико за сите е што ја доживуваат како да потекнува од земја што минала низ војна.

– Надвор од земјава секаде различно ме доживуваат. Но има едно нешто што е заедничко за сите: Сите ја ставаат Македонија во кошот со војната. Најчесто ми зборуваат за тоа. Ако не ми зборуваат за тоа, тогаш ми зборуваат за ајвар, пиперки, Гевгелија, национализам. Во Америка појма немаат од каде сум, мислат дека сум од Европа и кога кажувам дека сум од Македонија, мислат дека се фалам со тоа. Во Европа, пак, ме гледаат како некоја што доаѓа од земја што не може да влезе во Европа. На Балканот, пак, се случи еднаш во моја чест на коктел да служат кебапи со грав и ми ја пуштаа „Чукни во дрво“ и „Скопје“ од „Леб и сол“. Некогаш знам и да ги исмеам. Не чувствувам дека сум во инфериорна позиција зашто, иако доаѓаме од земја со јазик со мал број говорители, многу работи сме вложиле во нас – рече Бужаровска.

Втората вечер се заокружи со книжевен стендап-настап на Марјан Георгиевски, а во текот на денот се одржа и книжевно читање „Преобразба(та)“/“The metamorphosis”, на кое се претставија повеќе домашни и странски автори, авторката Паола Перети од Италија одржи креативна работилница, а поткаст со Кристијан Новак од Хрватска и Јон Калман Стефансон од Исланд, одржа Душко Крстевски.

фото: „Букстар“

Фестивалот се одржува под слоганот „Преобразба“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, книжевната мрежа Традуки, ЕУ со тебе (Eu with YOU), Амбасадaтa на Германија, издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Амбасадите на Република Чешка и Италија, Културно–информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград, Исландскиот книжевен центар и Институтот за соработка и јазик „Камоеш“. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија. Визуелниот идентитет е авторство на Маја Плачкоска, која го изработи и фестивалското видео.


0 views

Comments


bottom of page