Вечерва, „Декамерон“ во режија на Мартин Кочовски го отвара 48. МОТ
Со претставата „Декамерон“, во режија на Мартин Кочовски на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински, вечерва, во 20 часот, во МКЦ се отвора 48. издание на меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар – МОТ „Во околности на глобална општествена безизлезност неизбежно е да се занимаваме со ‘Декамерон’, со триумфот на потребата за живот. Животот радоста и среќа, овде и сега“, изјавува режисерот Кочовски, кој „Декамерон“ го постави на сцената на театарот во 2022 година. Радоста за вечерашната премиера во рамките на МОТ не ја крие комплетната екипа. „’Декамерон’ за мене значи целосно препуштање или можеби беспоштедно согорување. Таа претстава ни дозволи да се изразиме на некакво интуитивно ниво. Кога работите со толку обемна материја, која изобилува со разноликост, со толку многу ликови и ситуации, неизбежно ќе наидете на контрадикторности. Тука нема простор за мудрување, едноставно – се препуштате. Затоа во оваа претстава човекот има толку многу лица и суров е, и безмилосен, и ноншалантен, но и сочувствителен и бескрајно благороден по дух; и кревок – и нескршлив. Сето ова, од една страна, обеспокојува, дури и длабоко потресува, а од друга, сепак успокојува“, вели Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, драматург на „Декамерон“. Млад отворен театар – МОТ, по вечерашната премиера, нуди 29 театарски настани, претстави, работилници, промоција на книга и мастер-клас, кои ќе се одвиваат на сцените на МКЦ од 8 до 18 ноември. Дизајн на постерот на фестивалот е Бабак Сафари, графички дизајнер од Иран. Целосната програма и распоред на фестивалот може да се видат на официјалната страница на фестивалот – mot.mk, а билетите можат да се набават преку билет-сервисот на МКЦ, bileti.mkc.mk. Годинешната програма на фестивалот е поддржана од Министерството за култура (3.900.000 денари), Град Скопје (650.000 денари), а преку партнерства, фондови, амбасади и министерства на други држави, за достојно одбележување на фестивалот, обезбедени се дополнителни 2.300.000 денари. Фестивалот се отвора со претставата „Декамерон“, во режија на Мартин Кочовски на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински. Од италијанскиот хуманизам, следниот ден на сцена го гледаме рускиот реализам, „Браќа Карамазови“, претстава со која режисерот Оливер Фрлиќ , по девет години, се враќа на сцената на Загрепско казалиште младих – ЗКМ. Достоевски е мотив и на „Евангелие по Ф. М. Достоевски“, во режија на Јернеј Лоренци на Српскиот народен театар од Нови Сад, Србија. Белег на ова издание на МОТ се новите аудиовизуелни искуства, кои ќе ги понуди фестивалот преку две претстави, инклузивноста со претставата на „Колективот Ветерница“, „ Дрво нив времето“, каде што учествуват лица со и без попреченост, и „Скопје, големо богатство“, кое ја ангажира публиката преку дел од заборавените места во Скопје, каде што низ колективна прошетка се отвораат прашања за општествената димензија на јавните простори. Скопје провејува низ фестивалот како тема, бидејќи МКЦ/МОТ како комесар на годинашното претставување на Македонија на квардиналето во Прага, годинава ќе одржи лабараторија „Градот како сцена“, во соработка со ФРУ. Минатогодишните носители на наградата БИШ 2022, „Артопија“, направија копродукција и годинава ја гледаме ПООЛ, која е работена по мотиви на Марк Рејвенхил и сурово ги распарчува лажните идеали разотркивајќи ја вистинската слика за уметниците. „И оваа година МОТ ја доделува наградата БИШ за која на отворениот повик се пријавија театарски претстави од домашна продукција, а на фестивалот ќе бидат прикажани шест селектирани претстави. Оценувањето на претставите го прави меѓународно жири“, информира Русе Арсов во името на тимот на МКЦ. „Скриената улога на продуцентот“ е насловот на мастер-класот што ќе го одржи Душан Пернат, продуцентот и тур-менаџер на Словенско младинско гледалишче.
Comments