Вечер за заборав: Емполи го торпедираше грогираниот Јувентус
Јувентус доби најлоша можна вест од Апелациониот суд во Италија непосредно пред натпреварот со Емполи, а тоа сериозно влијаеше врз психата и изданието на фудбалерите од Торино, кои едноставно беа потопени на гостуваето во Емполи.
„Старата дама“ доби нова казна и со минусирањето на 10 бода падна на седмото место на табелата, на кое и ќе остане по комплетирањето на 36-то коло во италијанската елита.
Јувентус сега има невозможна мисија да се избори за топ четири и да се пласира во Лигата на шампионите наредната сезона, бидејќи ужасната вечер ја комплетираше со ужасно издание на „Карло Кастелани“.
Емполи постигна четири гола во мрежата на грогираниот противник и профитираше од лошата состојба на ментален план, па ја оствари и најголемата победа оваа натпреварувачка сезона.
Капуто на двапати и Луперто беа играчите кои го донесоа домашниот тим во предност од 3:1, Киеза постигна почесен гол за гостите, а Пиколи ги постави конечните 4:1 во судиското продолжение.
Comments