Венеција почна да наплаќа влезници за прошетка низ градот
Венеција минатиот месец почна да им наплаќа за влез во градот на дневните туристи, што е прв ваков случај во светот. Целта е да се намали притисокот врз античкиот италијански град, кој тоне под тежината на масовниот туризам. Посетителите што доаѓаат во градот на еден ден сега треба да купат билет од пет евра, кој го контролираат инспектори на клучните локации.Минатата година, 3,2 милиони туристи поминале најмалку една ноќ во историскиот центар на градот, но десетици илјади други се слевале по тесните улички на градот во текот на денот, често од бродови за крстосување, за да ги видат знаменитостите, вклучувајќи ги и плоштадот „Свети Марко“ и мостот „Риалто“.Целта на воведувањето билети е да се поттикнат дневните патници да доаѓаат поретко, со цел да се разреди најголемиот метеж. Првично, билетите ќе бидат потребни само за 29 најфреквентни туристички денови во текот на 2024 година, главно за викенди од мај до јули.
Експериментален потег, прв во светот
Дали ваквата мерка ќе даде резултати, внимателно ќе се следи и во другите туристички дестинации низ светот што се борат да се справат со масовниот туризам. Во Шпанија, на пример, втората најпосетувана земја во светот по Франција, десетици илјади луѓе протестираа на Канарските Острови барајќи ограничување на бројот на посетители на архипелагот.Луиџи Бруњаро, градоначалникот на Венеција, го опиша овој потег како „експеримент, прв во светот, кој има цел да ја направи Венеција попријатна за живеење“.Венеција, која се простира на повеќе од 100 мали острови и островчиња во североисточна Италија, се смета за еден од најубавите градови во светот. УНЕСКО ги вклучи градот и неговата лагуна на списокот на светско наследство во 1987 година, наведувајќи го како „извонредно архитектонско ремек-дело“.Организацијата на ОН, сепак, минатата година се закани дека ќе ја стави Венеција на својата листа на загрозено наследство, наведувајќи ги масовниот туризам и зголемувањето на нивото на водата, кои се припишуваат на климатските промени.
Новиот систем ќе се наметне „нежно“
За системот за издавање билети долго се дебатираше, но неговата имплементација постојано се одложуваше поради загриженоста дека сериозно ќе ги намали приходите од туризмот и ќе ја загрози слободата на движењето.Градските советници од опозицијата тврдат дека од тоа нема да има никаква корист.– Педесет евра можеа да помогнат – вели еден од нив, Џанфранко Бетин.Во 2021 година, Венеција веќе воведе забрана за масовни крстосувања, од кои секојдневно заминуваат илјадници туристи, пренасочувајќи ги кон подалечно индустриско пристаниште.Градоначалникот на Венеција вети дека новиот систем ќе се наметне „нежно“, без строги контроли и чекање во редици за билети, отфрлајќи ги шпекулациите дека градот ќе постави бариери или контролни пунктови на улиците. Инспекторите ќе бидат стационирани на и околу главните влезови на градот, особено на железничката станица „Санта Луција“, проверувајќи ги посетителите на самото место.Туристите што немаат билет ќе добијат инструкции како да купат, но може да ризикуваат казни од 50 до 300 евра доколку ги игнорираат. Ќе плаќаат само дневните туристи што ќе дојдат во стариот дел од 8.30 до 16 часот, а од ова се ослободени оние што престојуваат во хотели, лицата до 14 години и лицата со посебни потреби.
Comments