Венгер: Не беше пенал, ВАР го изневери судијата
09.07.2021 Juli Petok
ПО ПОЛУФИНАЛНИОТ МЕЧ АНГЛИЈА – ДАНСКА НА ЕП 2020
Французинот Арсен Венгер смета дека судијата Дани Макели требаше да добие шанса да го провери пеналот за Англија, откако тој досуди удар од белата точка во судиското дополнување на полуфиналниот меч со Данска на фудбалското Европско првенство (ЕП), пренесуваат европски медиуми. Фудбалерите на Данска протестираа, а Венгер не беше одушевен, велејќи дека тоа не бил пенал во победата на Англија во полуфиналето на ЕП 2020 над Данска. Снимките покажаа и дека имаше втора топка на теренот кога беше ситуацијата со пеналот. Голот по пеналот се покажа како решавачки момент, во кој Хари Кејн погоди од одбиената топка од голманот Каспер Шмајхел и Англија потоа го доби натпреварот. Поранешниот менаџер на Арсенал, сега ангажиран во Светската фудбалска федерација (ФИФА), Венгер, не беше задоволен од одлуката и рече дека во најмала рака судијата Макели требаше да добие шанса да ја поништи одлуката. – Не разбирам зошто тие не бараа судијата да ја разгледа ситуацијата. Не знам зошто ВАР не го замоли да ја види. За мене тоа не беше пенал. Мислам дека ВАР го изневери судијата, а не Данска. Разбирам дека е тешко за судијата, но тој мора да го погледне тоа – вели Венгер.
Делењето на правдата на натпреварите на ЕП и употребата на системот видеопомошник-судија (ВАР) генерално заслужува висока оцена, вели Александар Ставрев, македонскиот судија со знакот на ФИФА. – Интегритетот на играта и на фудбалерите беше во преден план, не на судиите. Имаше некои ситни пропусти и грешки, но тие не влијаеја на крајниот исход на натпреварите, ако се изземе пеналот на полуфиналниот натпревар Англија – Данска, кој се покажа како решавачки и за кој се разви дискусија. Јас како активен судија не смеам да коментирам одлуки на колегите и затоа ќе се воздржам од оцената дали било пенал. Насоките од Судиската организација при УЕФА до нас судиите е да се суди само кога е направен очигледен прекршок во 16-те метри. Во конкретната ситуација ВАР ја испочитува одлуката на судијата на теренот. ВАР би се активирал и би интервенирал само кога станува збор за јасна и очигледна грешка, по што му предлага на судијата повторно да ја прегледа снимката од спорниот момент. Инаку, мислам дека се играше доста фер и коректно на ова ЕП, за што заслуги имаат судите, технологијата, фудбалерите. Покрај ВАР, насекаде крај теренот има камери што го следат секој чекор на играчите, што значи дека тие повеќе од порано внимаваат на однесувањето. Не ја знам точната бројка на покажаните жолти и црвени картони, но немаше многу ексцесни ситуации, непотребно задржување на времето и имаше повеќе чиста игра отколку порано – вели Ставрев.
留言